ФФМ има еднакви критериуми кон сите учесници во фудбалската игра

Објавено на 21 Август, 2014 во Вести


Фудбалската федерација на Македонија се чувствува повикана да реагира со соопштение по повод острите реакции на ФК Вардар за наводите изнесени на прес конференција во врска со мерките изречени за клубот.

Фудбалската федерација на Македонија работи и постапува во согласност со правилниците усогласени со УЕФА и ФИФА и се однесуваат и применуваат  еднакво кон сите учесници во фудбалската игра во Македонија во најширока смисла на зборот.

Натпреварувачката, Дисциплинската и Комисијата за статут и правилници на ФФМ работат и постапуваат по пријава на официјални лица на секој од натпреварите и мерките ги изрекуваат во согласност со дисциплинскиот и правилникот за натпреварување на ФФМ кои што се објавени во службеното гласило - Макфудбал.

Пред да го вперат прстот кон Министерството за внатрешни работи и Куќата на фудбалот, конструктивна препорака е да се насочи вниманието кон својата работа и да делуваат во правец на превенција и едукација со своите поддржувачи.

Изненадени сме од изјавите на раководните луѓе на ФК Вардар, посебно, затоа што веруваме дека за разлика од многумина, тие знаат што значи да се работи според востановени правила и прописи и истото го препознаваат. Со изнесување на субјективни ставови и бегање од вистинската одговорност, ФК Вардар го нарушува авторитетот и интегритетот на фудбалските работници кои својата почит ја заработуваат со секојдневна работа и посветеност.

Фудбалската федерација на Македонија има еднакви критериуми кон сите учесници во системот на натпреварување, постапките и одлуките се јавно достапни и секој клуб организатор на натпревар сноси одговорност за постапките кои се спротивни и надвор од духот на спортската етика.

Погрешно е за секоја одлука или неуспех да се бара виновникот и тоа секогаш да биде ФФМ - Фудбалската федерација на Макеоднија. Крајно погрешно е да се насочуваат одредени поддржувачи на клубот против ФФМ и други институции.

Со донесената одлука паричните казни изречени на клубот да се уплатуваат во корист на Фондот за унапредување на младинскиот фудбал, ФФМ само ја потврди намерата и посветеноста за развој на фудбалот во сите региони во државата.

Во духот на општо прифатените демократски начела, ФФМ апсолутно се согласува со начелото сите членови на нашата фудбалска организација да имаат право слободно да го изразат своето мислење и ставови поврзани за фудбалскиот спорт во Македонија и во таа смисла да превземат одредена иницијатива, но исто така и да останат доследни на своите надлежности во духот на објективноста и фер плејот.

Фудбалот припаѓа на сите. Фудбалската федерација на Македонија е отворена за секој конструктивен предлог или идеја која ќе го подобри нашето фудбалско живеење. Сакаме да гледаме убава игра, но сакаме и да се однесуваме според правилата на УЕФА и ФИФА во однос на однесувањето на стадионите, однесување кое е за доброто и на фудбалската игра и за сите кои ќе ги осознаат своите лични и колективни потенцијали со вредностите кои ги промовираме. 




   
   
А репрезентација