ФФМ и УЕФА заеднички организатори на регионална конференција за безбедност и пиротехника

Објавено на 30 Октомври, 2019 во Вести


Во организација на УЕФА и Фудбалската федерација на Македонија во Скопје се одржува првата регионална конференција за пиротехника. Денеска и утре на конференцијата во хотел „Хилтон“, присутни се вкупно 120. учесници, меѓу нив како предавачи интернационални експерти на темата кои ќе го пренесат своето знаење и искуство на присутните гости од нашата држава и Асоцијациите од регионот, Србија, Косово, Црна Гора и БиХ.

Важноста на овој настан за нас, но и за УЕФА ја потврди и срдечниот поздравен говор на Михаел Ван Праг, член на Извршниот комитет на УЕФА и претседател на Холандската фудбалска Асцоцијација.

Во име на УЕФА и нашиот претседател, Александар Чеферин изразувам благодарност до Фудбалската федерација на Македонија за заедничкото огранизирање на оваа важна конференција. Нашата одговорност е да се обидеме да најдеме правилен метод за соочување и справување со овие проблеми, бидејќи голема е загриженоста од зголемувањето на нивото на инциденти на фудбалските натпревари, а безбедноста на навивачите и љубителите на фудбалот секогаш е на прво место. Ние знаеме дека секоја држава или федерација на различен начин се справува со овие предизвици и драго ни е што денеска и утре ќе ги слушнеме и размениме методите кои во иднина можат да ни бидат од заедничка корист“, изјави високиот гостин на УЕФА, Михаел Ван Праг. 

Како главни теми на дводневната конференција на која исто така пристутни се претставници од државните институции, Министерството за внатрешни работи, Агенции за приватно обезбедување, фудбалските клубови, навивачките групи ќе бидат Национална стратегија по однос на прашањето, законски рамки, превентивна стратегија, превенција и справување со пиротехника.

Поздравно обраќање во име на Фудбалската федерација на Македонија имаа потпретседателот на ФФМ, Лазар Ракиџиев и генералниот секретар, Филип Поповски.

За нас ова е добра прилика да ја видиме ситуацијата околу безбедноста и користењето на пиротехника на стадионите од различни перспективи, меѓусебно подобро да се разбереме и низ заедничка соработка да бидеме подготвени за предизвиците кои се пред нас. И покрај фактот што прашањето околу безбедноста и сигурноста на фудбалските стадиони се подобрува, не смееме да ги затвориме очите и пред фактот дека постојат проблеми кои нашиот спорт го доведуваат во опасна зона. Ова е работа во која сите ние мораме да преземеме свој дел од одговорностите за решавање на проблемите“

„Овој регион од Европа, понекогаш и неоправдано го следи лош имиџ, натпреварите се оптеретени со потенцијални нереди и голем дел од ресурсите, и човечки и  логистички и финансиски мораме да ги трошиме на тема безбедност. Токму поради тоа мислам дека е одлично што организираме вакви конференции со цел да видиме каде е просторот за подобрување и соработка и секако, да не помислиме дека работата по тоа прашање е завршена.Драго ми е што овде се присутни сите партнери - полицијата, клубовите, Фудбалската федерација на Македонија, УЕФА, асоцијациите од регионот, медиумите. Секој има своја улога во оваа проблематика и треба да се реагира соодветно“, рече во своето обраќање потпретседателот на ФФМ, Лазар Ракиџиев.

„Темата околу сигурноста на стадионите не смее да биде поважна од фудбалот. Целта е да направиме сѐ по завршување на натпреварите да се зборува само за фудбалот. Дискриминацијата, национализмот, расизмот, насилството, говорот на омраза и пиротехниката ги претвораат нашите стадиони во места од кои се срамиме, на кои не се чувствуваме удобно и на кои нормални навивачи не сакаат да доаѓаат. Во осудата сме согласни сите, но што правиме за нешто да промениме? Од меѓусебни обвинувања и вперување прст во некој друг немаме ништо. Единствениот пат е заедничка борба бидејќи имаме иста цел“, рече Филип Поповски.

„Заедно со полицијата ги преземаме сите мерки за спречување на употребата на пиротехника, нотреба поголема вклученост и на федерациите, дисциплинските органи, клубовите, па дури и надлежните судови бидејќи се загрозува безбедноста на навивачите и учесниците. Треба да сфатиме дека не постои сигурна употреба на пиротехника внатре на стадионите.Јас сум убеден дека по завршувањето на оваа конференција, споделувањето на искуствата и предизвиците со кои се соочувате, ќе бидат од голема корист за сите и ќе имаме многу појасна слика за тоа каде да се насочиме и кој средства да ги употребиме во решавањето на одделни проблеми“, изјави во дел од својот говор генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.






   
   
А репрезентација