Објавено на 10 Ноември, 2014 во Вести
„Унапредување на стопанството треба да се гледа повеќенасочно и еден од начините за исполнување на оваа определба е и преку ширење на општествена корпоративна одговорност кое пред се претставува форма на корпоративно саморегулирање интегриранo во бизнис модел. Целта е да се прифати одговорноста за активностите на бизнисот и да се поттикне на позитивно влијание преку активности во животната средина, со потрошувачите, вработените, заедниците и сите други членови на јавната сфера.Тргнувајќи од овие определби, Стопанската комора на Македонија цени дека е повеќе од потребно да се прикаже одржливиот одговорен бизнис кои нашите компании членки го практикуваат и за кои сметаме дека во иднина само може да ги продлабочат активностите во своето работење во овој сегмент.“ - изјави извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, м-р Јелисавета Георгиева.
Соработката помеѓу Стопанската комора на Македонија и ФФМ ќе се одвива преку активностите кои ќе придонесат за остварување на целите дефинирани во Програмата за развој на спортот во Република Македонија за периодот 2013-2017, а особено:
- презентирање на бројните примери на вклученост на бизнис-секторот во спортот и спортските активности, преку разни активности на нашите членки во насока на повеќекарактерно подигнување на квалитетот на севкупното живеење, како предуслов за достигнување придобивки одразени низ параметри од кои произлегуваат атрибути за постоење здрава нација.
- креирање стабилен систем за поддршка и развој на оваа дејност со цел да се обезбедат одржливи извори за негово финансирање низ поттикнување на стопанските субјекти истиот да го поддржуваат, односно, кон воспоставување платформа за остварување на идејата за унапредување на атрибутите кои водат кон зајакнување на националните вредности одразени преку спортот.
Генералниот секретар на ФФМ, г-динот Филип Поповски, нагласи дека ФФМ има привилигија, одговорност и можност да го управува фудбалот во Македонија во сите негови аспекти.
„Преземајќи ја улогата, а со тоа и одговорноста да се биде во фудбалот, ние мора да се адаптираме на околностите кои постојано се менуваат и се развиваат. Ние мора да се соочиме со сите нови предизвици кои ги носи фудбалот во светот. Мора да поставуваме нови цели кои ќе не водат до успех, на фер-начин и со вистински вредности. Секоја година, ќе се трудиме да бидеме и спортски и организаторски и административни победници. Нашата мисија е да и служиме и да ја водиме Фудбалската федерација на Македонија кон остварување резултати и со успешно водство да градиме интегритет за, во целост, да ја сочуваме фудбалеката игра. Да ја заштитиме и да се грижиме за фудбалската иднина, преку јакнење победнички менталитет и преку овозможен пристап на сите кои сакаат да бидат дел од фудбалот во Македонија. Наша мисија е да соработуваме со локалните и со регионалните организации и здруженија, клубови, лиги, гледачи, навивачи и со останати страни кои ја водат играта и го забрзуваат растот, развојот и континуитетот на македонскиот фудбал“- изјави г-динот Поповски.
На самата прес конференција се потпиша и Меморандум за соработка помеѓу двете институции кој претставува официјализирање и почеток на заедничките активности кои во наредниот период ќе се спроведат со цел остварување на националниот интерес низ развој на спортот како општо препознатлива вредност преку која, покрај останатите придобивки, се претставува и афирмира Република Македонија во меѓународни рамки и се јакне националната свест.
Беше промовирана и брошура која претставува заедничка активност на двете институции со која токму фудбалот се става пред со цел да се настапува обединето во радоста што ја носи токму овој спорт.
На прес конференцијата се најави и првата заедничка активност која Стопанската комора на Македонија ќе ја има со ФФМ и тоа организирање на фудбалски натпревар помеѓу претставници од Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори на 12.11.2014 година на терените на ФФМ со почеток од 12:00 часот. На овој натпревар свое учество ќе земат претставници на компаниите членки на Комората, но и претставници на ФФМ.