ФФМ и Федерацијата на училишен спорт започнуваат нов проект - ФУДБАЛ ВО УЧИЛИШТА

Објавено на 07 Март, 2018 во Вести

Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски и претседателот на Федерацијата на Училишен Спорт на Македонија, Александар Туфекчиевски на прес конференција го најавија новиот заеднички грасрут проект - Фудбал во Училишта.

Со цел да ја подигнеме свеста за фудбалот и спортот воопшто меѓу најмладите, Фудбалската федерација на Македонија и Федерацијата на Училишен спорт на Македонија започнуваат со реализација на заеднички проект – Фудбал во училишта. 

Новиот проект за училишен фудбал им овозможува на децата од основните училишта да бидат дел од спортски настани и проекти наменети само за нивната возрасна категорија. Проектот на ФФМ и Федерацијата на Училишен спорт на Македонија и целите предвидени во него се направени по низа анализи, дискусии, состаноци и консултации со стручни лица кои се предвидени да бидат дел од овој значаен проект.


 Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија на прес-конференцијата по потпишувањето на договорот со Федерацијата за Училишен спорт на Македонија го нагласи значењето на овој проект и ја потенцираше заложбата на ФФМ за вложувања во младинскиот фудбал. 

-Овој проект на Фудбалската Федерација на Македонија и на Федерацијат за училишен спорт ќе се имплементира во периодот од март, 2018 г до мај, 2020 г. Ќе се одвива во три фази, од кои првата започнува сега и ќе трае до мај, 2018 г. Во првата фаза ќе бидат опфатени момчиња и девојчиња од второ до петто одделение од 40 основни училишта од 10 општини во Македонија вкличувајќи 6000 деца. Во втората фаза ќе бидат опфатени 10.000 деца од 80 училишта, додека пак со третата фаза се очекува да бидат вклучени 120 училишта што претставува една третина од основните училишта во Македонија, броејки до 15.000 деца. Ова е вредна иницијатива, им благодарам на луѓето од Федерацијата на Училишен спорт на Македонија за подршката, на овој начин водиме грижа за нашата база која се надеваме дека ќе се зголеми преку овој проект. Ќе направиме се што е во наша моќ овој проект да биде во вистинска смисла – Училишен фудбал, рече Илчо Ѓорѓиоски. 

-Многу сме задоволни што го почнуваме овој проект со Фудбалската федерација на Македонија која е најголемата спортска организација во Македонија. Ние како Федерација на училишен спорт веќе направивме подготовки и анализи за да се овозможат услови за почеток на проектот, и можам да истакнам дека интересот кај училишниот кадар во училиштата каде ќе се имплементира проектот е огоромен и со нетрпение се очекува негово отпочнување. Натпреварите ќе се одигруваат во две категории, второ и трето одделение ќе играат 5 на 5, додека четврто и петто оделение ќе играат 8 на 8. Во првата фаза ќе има вкупно 27 натпревари, а опфатени се 10 оспштини од три региони во Македонија. - истакна Александар Туфекчиевски.

На крајот од прес конференцијата беше потпишан договор за соработка помеѓу Фудбалската федерација на Македонија и Федерацијата за училишен спорт.



   
   
А репрезентација