Објавено на 16 Април, 2024 во Вести
Фудбалската федерација на Македонија заедно со десет национални асоцијации членки на УЕФА од Југоисточна Европа денеска на состанок во Тирана ја потврдија безусловната поддршка за претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
На регионалниот состанок чиј домаќин беше Албанската фудбалска Асоцијација, главниот фокус се однесуваше на критичните аспекти на стратегијата за развој на фудбалот на УЕФА како што се: идниот формат на клупските натпреварувања на УЕФА по 2024 година и новата програма за солидарност.
Исто така, се дискутираше за прашања кои се однесуваат на судењето на натпреварите, споделување податоци и финансиски анализи, потоа предизвици околу првенствата кои влегуваат во системите за обложување и можности кои се појавуваат за државите / асоцијациите.
Босна и Херцеговина, Хрватска, Кипар, Грција, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија, Словенија, Турција и Албанија со свои претставници беа дел од регионалниот состанок во Тирана.
По дискусиите за наведените теми, националните асоцијации навлегоа во дискусии за иднината на европскиот фудбал. Сите присутни едногласно изразија непоколеблива поддршка за претседателот Чеферин и администрацијата на УЕФА.
Фудбалската федерација на Македонија на состанокот во Тирана беше претставувана од претседателот, Муамед Сејдини, генералниот секретар, Наталиа Илиевска Божиновска и членот на Управниот одбор, Владимир Гашевски.