Објавено на 24 Декември, 2019 во Вести
Фудбалската федерација на Македонија на гала манифестација во Македонскиот Народен Театар (МНТ) вечерва од 19:00 часот ќе ги додели наградите и признанијата за најдобрите во македонскиот фудбал за сезоната 2018/2019.
Во шеснаесет категории ќе бидат прогласени најдобрите за изминатата фудбалска сезона. Номинирани за најдобар фудбалер во МФЛ се Владица Брдаровски (Вардар), Висар Муслиу (Шкендија) и Љупчо Дориев (Академија Пандев), додека, номирани за најдобар тренер во МФЛ се Ќатип Османи (Шкендија), Југослав Тренчовски (Академија Пандев) и Александар Васоски (Вардар). Вечерва ќе бидат прогласени и најдобрите во младински и женски фудбал, потоа најдобриот тренер и играч во футсал, најдобар стрелец во МФЛ, а ќе им се доделат и признанија на истакнати фудбалски работници за придонес во развојот на македонскиот фудбал. Секако, на манифестацијата ќе биде доделена наградата и за најдобриот македонски репрезент во странство.
Прогласувањето на најдобрите во македонскиот фудбал ќе се емитува и во директен пренос на МТВ Собранискиот канал со почеток во 19:00 часот.