ФФМ дел од регионалниот состанок во Букурешт

Објавено на 22 Септември, 2018 во Вести


Регионалниот состанок на југо-источните Фудбалски Федерации се одржа во периодот 19-20 септември во Букурешт, под покровителство на Романската Фудбалска Федерација. Целта на состанокот беше организирање на работни сесии во насока на изготвување заеднички нацрт активности за развој на фудбалот во регионот. Постојана цел на фудбалските федерации од регионот е да се намали разликата помеѓу истокот и западот и да се воведат нови натпреварувања, да се промовира вклученоста на фудбалските федерации во јавните сфери на општеството како и да се подигне свеста за социјалниот поврат на ивестициите во фудбалот.

На состанокот во Букурешт учествуваа претседателите и генералните секретари на фудбалските федерации од 14 земји од југо-источна Европа, и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Косово, Македонија, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Словенија и Турција. На состанокот имаше и претставници од УЕФА и Англискиот Фудбалски Сојуз.

Првата точка на состанокот беше да се презентира заедничката иницијатива за создавање на регионално натпреварување за репрезентации до 15 години. Со оглед на тоа дека земјите од овој регион во минатиот период беа третирани како расадници на таленти од најмала возраст без резултати на среден и долг рок, со ова натпреварување би се застанало на патот на овој тренд и би се канализирал потенцијалот. Натпреварувањето исто така во преден план го става развојот на фудбалот преку играње на натпревари од меѓународен карактер, на ниво на клубови и репрезентации. Оваа иницијатива беше едногласно прифатена од сите учесници на состанокот, а првото натпреварување ќе се одржи во Турција согласно едногласно усвоената одлука.

Ова натпреварување носи одлична можност за развој на најмладите таленти преку градење искуство во меѓународни натпревари. Фудбалската Федерација на Македонија во изминатите неколку години инвестираше во развојот на Фудбалската академија и во фудбалските паралелки кои се дел од спортската академија. Сметам дека едно вакво натпреварување ќе претставува одлична можност овие нови генерации на фудбалери да изградат искуство во репрезентативни натпревари, кое ќе им помогне за нивниот ангажман во иднина. Искрено се надевам дека оваа заедничка иницијатива ќе ја оправда нашата доверба, и дека ќе помогне во изградбата на нашите најмлади фудбалери во зрели личности на и вон теренот – нешто што е заложба на Фудбалската Федерација на Македонија во изминатитот период и во иднина – изјави Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.

Развојниот менаџер на УЕФА, Ноел Муни го презентираше моделот на Социјален Поврат на Инвестиции во фудбалот кој е дел од GROW пограмата на УЕФА, а се осврнува на придобивките за заедницата од јавните инвестиции во фудбалот, што треба да претставува аргумент пред носителите на одлуки во јавниот сектор кога станува збор за инвестирање во инфраструктурата. Овој модел исто така ја задржува автономност на фудбалот истовремено обезбедувајќи бизнис модел за јавната администрација насочен кон развој на базичениот фудбал.

На крајот, претставниците на сите 14 земји учеснички на состанокот едногласно ја поддржаа заедничката декларација за кандидатурата на Г-н Александар Чеферин за претседател на УЕФА на претседателските избори во 2019 година.

Проектите и замислите на Александар Чеферин се многу значајни за развојот на европскиот фудбал, а ние како Федерација цврсто веруваме дека Александар Чеферин заедно со целокупното семејство на УЕФА ќе продолжи да дава голем придонес и за напредокот на фудбалот во нашиот регион. Својот мандат во УЕФА го започна со јасна визија за иднината со фокус на поголема заштита, промоција и развој на европскиот фудбал, ставајќи ја играта на прво место и штитејќи го   нејзиниот интерес и интегритет. Неговата заложба е заедништво и дијалог помеѓу европските фудбалски заедници, поддржувајќи соработка со сите соработници и вклучени страни. Искрено, верувам дека таа негова мисија ќе продолжи и во иднинаизјави Г-н Муамед Сејдини, в.д. претседател на Фудбалска Федерација на Македонија




   
   
А репрезентација