Објавено на 17 Јуни, 2017 во Вести, До 21 год
Македонската репрезентација загуби со 5:0 од Шпанија на првиот натпревар на Европското првенство во Полска. Македонија одигра одличен натпревар, речиси во секоја статистичка категорија бевме израмнети со шпанците, посебно во првото полувреме, но недостасуваше спортска среќа да се радуваме, макар на погодок. Од друга страна, противникот погоди по речиси секој удар кон голот на Алексовски. Македонија по еден час игра имаше повеќе удари кон голот на Шпанија, повеќе корнери и двојно повеќе напади. Но, на крајот Шпанија победи со незаслужено висок резултат.
Mакедонија прва се закани кон голот на Шпанија. Дарко Велковски во третата минута убаво смири топка на гради, но шутираше над голот на противникот. Во седмата минута се обиде неговиот клупски колега од Вардар, Бобан Николов, но ударот заврши покрај рамката од голот на Шпанија. По две минути, во деветтата Давид Бабунски шутираше во обид да донесе водство за Македонија, но повторно над голот на Шпанија.
Шпанија во првиот опасен напад дојде до водство од 1:0. Саул Нигез постигна прекрасен погодок со ножички за предност на Шпанија по 11. минути игра.
Веќе во 13. минута Виктор Ангелов по додавање на Бабунски имаше прекрасна прилика да го израмни резултатот, но не успеа да ја зафати топката на вистински начин, шутираше, но одбрани Аризабалага.
Во 16. минута втор евро-гол на шпанците. Ѕвездата на Реал Мадрид, Асенио, со прекрасен шут од преку 20-на метри го изненади Алексоски и зголеми на 2:0.
Македонија преку Марјан Радески имаше нова шанса за погодок, но остана неискоритена. Шпанија во 35. минута доби пенал по играњето со рака на Бејтулаи во шеснаесетникот. Жерард Делофеу беше сигурен реализатор за уште поубедливо водство од 3:0.
Последната закана во првото полувреме кон противничкиот гол ја упативме во 44. минута преку Енис Барди, но повторно немавме среќа да се израдуваме на првиот погодок. Брилијантна одбрана имаше Кепа Аризабалага.
Во продолжението, Шпанија во 54. минута со вториот погодок на Марко Асенсио веќе обезбеди предност од 4:0. Шпанскиот репрезентативец одново неодбранливо шутираше во голот на Алексовски.
Среќата ни недостасуваше за да се израдуваме на погодок, а тоа се потврди во 56. минута кога ударот на Давид Бабунски заврши во рамката од голот на Шпанија.
Марко Асенсио постигна прекрасен гол и комплетираше хет-трик во 73. минута за 5:0.
Европско првенство за фудбалери до 21 година, Полска 2017, Група Б
Стадион „Миејски“, Гдиња
ШПАНИЈА – МАКЕДОНИЈА (3:0)
(1:0 Саул Нигез 11`, 2:0 Марко Асенсио 16`, 3:0 Жерард Делофеу 35`, 4:0 Марко Асенсио, 5:0 Марко Асенсио)
Шпанија: Аризабалага, Балерин, Мере, Ваљехо, Гаја, Љоренте, Саул, Денис Суарез, Асенсио, Сандро (Вилијамс), Делофеу (Дани Себалос 63`)
Македонија: Игор Алексовски, Егзон Бејтулаи, Дарко Велковски, Ѓоко Зајков, Бесир Демири, Бобан Николов, Енис Барди, Давид Бабунски (Тихомир Костадинов 75`), Кире Маркоски (Никола Ѓорѓев 46`), Марјан Радески, Виктор Ангелов (Елиф Елмас 46`);
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....