Објавено на 25 Септември, 2015 во Вести, Квалификации ЕУРО 2016, Вести
Селекторот на А репрезентацијата на Македонија. Љубинко Друловиќ по објавувањето на списокот на повикани фудбалери на прес конференција ги сподели очекувањата спроти квалификациските натпревари против Украина на 9 Октомври на Националната арена „Филип Втори" и против Белорусија на гости три дена подоцна.
„ Имаме повикано неколку нови фудбалери кои со игрите во своите клубови заслужија да се најдат на мојот список. Жал ми е за некои млади играчи на кои нема да можам да сметам, а заслужија да бидат повикани, бидејќи во овој момент приоритет е младата репрезентација Делуваме како тим, од натпревар во натпревар играме се подобро и подобро. Има простор за напредок, а се надевам дека во иднина и резултатите ќе бидат подобри. Иван Тричковски игра во одлична форма во доста добар европски клуб како што е Легија. Еден многу квалитетен играч кој може да го подигне тимот на едно повисоко ниво со квалитетот кој го поседува, а е неоспорен. Со себе носи едно големо искуство и може да биде од голема корист за нас, посебно во делот на реализацијата каде што имавме големи проблеми на последните квалификациски натпревари. Дуелот против Украина е од големо значење за нас, доколку одиграме како со Шпанија, можеме да се надеваме и на нешто повеќе. На пресметката против Шпанија игравме многу добро како тим. Сепак од тој натпревар можеме да бидеме задоволни само од играта, но не и од резултатот. Искрено се надевам дека на следните квалификациски натпревари ќе не послужи и таа спортска среќа која не беше на наша страна против Луксембург и Шпанија", вели селекторот на А репрезентација на Македонија, Љубинко Друловиќ.