Објавено на 02 Октомври, 2015 во Вести, Вести
Украина можеби не е Шпанија, но е респектабилна фудбалска репрезентација од самиот европски врв, составена од играчи чии клубови се натпреваруваат во Лигата на шампионите, што само по себе е силна провокација за љубителите на фудбалот да дојдат на арената „Филип Втори“ и во живо да го гледаат натпреварот меѓу Македонија и Украина. Играта која македонската фудбалска репрезентација ја покажа на натпреварот против Шпанија, дава надеж дека ќе гледаме интересен и неизвесен натпревар. За Македонија овој натпревар е последен пред домашна публика, а тоа е нешто што заслужува респект и максимално залагање од нашите фудбалери. Ферхан Хасани е во одлична голгетерска серија во домашното првенство, Трајковски стандарден во силната италијанска Серија А, а тука е и повратникот Тричковски, потоа Ибраими, Адеми, Илијоски, Ивановски...
Да се надеваме дека тивкиот работлив селектор Друловиќ, конечно со насмевка на лицето ќе дочека крај на еден фудбалски натпревар на нашиот А фудбалски тим. За Украина овој натпревар има многу поголемо значење, притисокот врз нив е многу поголем бидејќи се во трка за третото место во групата што ќе им овозможи бараж натпревар за европското првенство 2016 година. Најзвучни имиња меѓу украинските фудбалери секако се Евгениј Конопљанка од Севиља и Андреј Јармоленко од Динамо Киев.
-Ова е многу важен натпревар за нас, играме против репрезентација која може да се пласира на Европското првенство во Франција. Доколку сакаме да оствариме позитивен резултат, потребна ни е поддршка од сите. Најважно за нас е единството и концентрацијата. Мораме да се сетиме на позитивните моменти од дуелот со Шпанија и да се обидеме да одиграме квалитетно. Украина е типичен претставник на источно-европските репрезентации, многу силна репрезентација. Очекувам максимално залагање од фудбалерите и исполнување на зацртаните задачи. Како што предходно реков, за клубовите се игра за пари, а за репрезентацијата за срце и почит. Се надевам дека публиката ќе не поддржи и овој пат како на натпреварот со Шпанија и ќе дојде во голем број на 9. октомври на арената Филип Втори, изјави селекторот Љубинко Друловиќ.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....