Драги Канатларовски: Заслуживме бод, момците одиграа многу храбро и со голема пожртвуваност

Објавено на 16 Ноември, 2021 во Вести, До 21 год


Млада репрезентација на Македонија беше поразена со минимални 1:0 од силниот состав на Франција во натпревар од квалификациите за пласман на ЕП.

Нашите фудбалери одиграа добар натпревар, особено во дефанзивниот дел, французите немаа премногу идеи во нападот, беа затворени речиси сите приоди кон голот на Давид Денковски, но едно мало невнимание во 75. минута противникот преку Калулу успеа да го искористи за минимална победа.

Селекторот на Македонија до 21 година, Драги Канатларовски по натпреварот имаше низа на комплименти за своите фудбалери, но истакна дека оваа репрезентација на Франција е едно скалило погоре по квалитет во однос на сите други селекции во нашата група.

-Оваа француска репрезентација се дели од нашата група по квалитет, има и еден фонд на фудбалери кои поседуваат еден огромен потенцијал и квалитет и играчи кои играат во најсилните европски лиги. Играат по 90 минути, што, за жал, кај нашите фудбалери не е така и не се во подобар ритам, односно немаат минутажа на натпреварите. Примивме несреќен гол, можевме да оствариме подобар резултат, бевме на прагот да и откинеме бодови на Франција, но за жал немавме среќа во завршницата. Mожам само да кажам пофални зборови за моите фудбалери, одиграа одличен натпревар, со голема пожртвуваност, вложија голем труд. Покажаа дека со гордост го носат овој дрес и дека се подготвени да дадат се од себе за него. Ни следи период каде што максимално ќе можеме да се посветиме на подобрување на квалитет на оваа репрезентација. Заедно со мојот стручен тим се подготвуваме веќе во декември да организираме еден тренинг камп каде што акцентот ќе биде ставен на генерацијата 2002, но секако ќе бидат придодадени и фудбалери кои се родени 2003 и 2004 година. Верувам во оваа репрезентација, верувам во мојот тим, мислам дека поседуваме потенцијал и квалитет и во иднина може да очекуваме уште подобри резултати.




   
   
А репрезентација