Објавено на 10 Септември, 2018 во Вести, До 21 год
Репрезентацијата на Македонија до 21 година во вторник игра со Ерменија квалификациски натпревар за ЕП 2019, а селекторот Добринко Илиевски во брифинг со претставниците од медиумите ги изнесе своите очекувања за овој натпревар.
„Натпреварот со Ерменија очекуваме да биде тежок, од причини што се работи за противник кој има две до три години постари фудбалери. Се работи за цврста репрезентација, која на фаворитите им даде отпор. Се работи за агресивен ривал, кој ќе дојде тука да се надигрува и да бара реванш за поразот во Ереван. Очекувам борбен натпревар, противник кој ќе „гризе“ на теренот, но тоа и нас ќе ни биде генерална проба за натпреварите во следниот циклус“, изјави селекторот на младата репрезентација, Добринко Илиевски, кој даде проценка и за противникот.
„Во глобала се работи за сличен тим. Добар дел од играчите се од претходниот меѓусебен натпревар во циклусот. Но, тој натпревар го оставаме зад нас. Целиот меч тогаш беше во наша полза во Ереван. Кога водевме, противникот тргна напред и како еден единствен натпревар не може да зборуваме дека тој противник е слаб, или дека ние сме подобри. Подоцнежните натпревари на Ерменија покажуваат дека сите натпревари ги играа квалитетно. Освоија седум бода, се работи за сосема добар и квалитетен противник, без разлика на сликата од претходниот меч“, заврши Илиевски.
Натпреварот Македонија У21-Ерменија У21 се игра утре на тренинг центарот “Петар Милошевски” во Скопје со почеток од 15:30 часот.
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....