Демант за објавени невистинити и тенденциозни наслови и текстови

Објавено на 10 Декември, 2018 во Вести


Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во име на в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, а сѐ со цел точно, транспарентно и целосно информирање на јавноста преку соопштението во продолжение ги демантира информациите споделени на интернет порталот „Sport1.mk“ насловени како „Преведувач од Албанија глумеше претставник на УЕФА на собранието на ФФМ!?“, „На Собранието на ФФМ гласале делегати кои се избришани од Централен регистар!“, „Собранието на ФФМ каша - попара: Шукер откажал, а за првпат во историјата не е поканет член од АМС!“

Фудбалската федерација на Македонија категорично и целосно ја отфрла содржината на насловите и текстовите споделени на интернет порталот „Sport1.mk“  на 09.12.2018 година како невистинити и тендециозни. Во текстовите се изнесени злонамерни и невистинити тврдења кои неосновано ја дискредититираат Фудбалската федерација на Македонија. Вашите новинарски стандарди веќе извесно време ги поставувате со објавување на разни сензационалистички, а невистинити вести и информации поврзани со ФФМ и се трудите да го одржите тоа ниво на информирање.

Фудбалската федерација на Македонија на 06.12.2018. преку генералниот секретар официјално прати допис до Агенцијата за спорт и млади на РМ за одржување на Вонредно Генерално Собрание на ФФМ. Дописот е доставен, а како потврда за доставата, Агенцијата за спорт и млади има ставено приемен печат. Допис за одржување на Вонредно Генерално Собрание на ФФМ до Агенцијата за спорт и млади е пратен и по електронска пошта.


Во овој случај, создавате погрешна слика за односот меѓу ФФМ и Агенцијата за спорт и млади. Во текстот стои следната непотпишана изјава од АМС „Покана од ФФМ за присуство на Собранието нема стигнато до вчера до 16.30 часот. Беше предвидено да одат претставници на АМС, ама без покана не може да одат. Одење без покана на Собрание е исто како да се мешаме во работите на федерацијата“, велат од АМС. На овој начин, без да го наведете изворот на информацијата, односно лицето кое во име на АМС ја дава изјавата, давате слика и за сериозноста на обраќањето во јавноста на државното тело за спорт и млади. Уште повеќе што како медиум кој ја споделува веста не побаравте изјава од ФФМ дали на Вонредно Генерално Собрание има покането претставник од Агенцијата за спорт и млади.

Денис Бастари е дел од одделот на УЕФА за развој на Национални асоцијации како менаџер за „хет-трик“ програми и во име на УЕФА официјално имаше обраќање на Вонредно Генерално Собрание пренесувајќи ги пораките од претседателот на УЕФА, Александар Чеферин и генералниот секретар на УЕФА, Теодор Теодоридис. Од објективни причини, членот на Извршниот комитет на УЕФА, Давор Шукер не присуствуваше на Вонредно Генерално Собрание на ФФМ. Секои други претпоставки сѐ само инсинуации од оние кои своите ставови не можат да ги остварат по редовен пат.

Авторот на текстот без ниту еден аргумент, базирајќи се само на претпоставки неосновано ја прозива Фудбалската федерација на Македонија, користејќи конструкции сѐ со цел да се дискредитира ФФМ.

Со насловот „На Собранието на ФФМ гласале делегати кои се избришани од Централен регистар!“ ја доведувате во заблуда јавноста и читателите. Делегатите на Собранието на ФФМ не се предмет на упис во Центарален регистар на РМ во општинскиот фудбалски сојуз Тетово. Мандатите на делегатите на Собранието на ФФМ од членката на ФФМ, ОФС – Тетово се верификувани на седница на Редовно Генерално Собрание одржано на 17.02.2018 година со мандат до Редовно Годишно Изборно Собрание 2021 година. Мандатите на делегатите на ОФС Тетово не се прекинати. Имено, согласно член 99 од Статутот на ФФМ е утврден начинот на прекин на мандат на делегат на Собранието на ФФМ. 

Поради изнесените невистини и неточни информации, а исто така и поради неоснованите обвинувања на сметка на Фудбалската федерација на Македонија кои читателите ги  доведуваат во заблуда, ФФМ од интернет пораталот „Sport1.mk“ бара да го објави овој демант. Сметаме дека не е коректно наместо објективно согледување на фактите, секогаш однапред да се прозива или етикетира Фудбалската федерација на Македонија и токму поради тоа бараме објава на овој демант на начин на кои беа објавени посочените наслови и текстови. 




   
   
А репрезентација