Давор Шукер: Во УЕФА сме свесни дека ФФМ е наш квалитетен и значаен партнер

Објавено на 18 Февруари, 2017 во Вести


Пред почетокот на работниот дел од Редовното изборно собрание на Фудбалската федерација на Македонија, свое обраќање до присутните имаше хрватската легенда Давор Шукер кој во Скопје е во својство на претставник од УЕФА, како член на Извршниот одбор на УЕФА.

- Пред сѐ сакам да истакнам дека УЕФА има извонредна соработка со раководната структура на Фудбалската федерација на Македонија, што се отсликува преку помошта што УЕФА му ја дава на македонскиот фудбал бидејќи сме свесни дека имаме квалитетен партнер кој се залага за унапредување на условите во кои фудбалот егзистира и на вистински начин ќе придонесе за подигнување на личниот, а и на угледот на УЕФА.

Свесен сум дека успехот на фудбалот на една земја се мери директно преку резултатите на А репрезентацијата, што донекаде е очекувано, но не и секогаш оправдано.

Иако со ограничен буџет, но со голема енергија и залагање се работи на развој на фудбалот што резултираше со изградба на десет игралишта со вештачка трева кои се од огромна важност и се круцијални за спроведување на тренажниот процес, па се до реализација на идејата да се игра репрезентативен фудбал на целата територија на Македонија, а не само во Скопје, што се остварува преку инвестирање и изградба на стадиони во поголемите фудбалски центри како Битола, Тетово, Прилеп и Штип.

УЕФА секогаш ќе застане зад ваквите проекти и сакаме да упатиме апел дека токму залагањата во оваа насока треба да бидат во преден план на секоја фудбалска федерација. Длабоко верувам дека со тек на време суштинската работа и вложувањето во вакви базични проекти ќе придонесе за позитивни резултати на сите селекции, вклучувајќи ја и А рпрезентацијата.

Искрено, неможам да се сетам на некој поголем позначаен фудбалски настан кој се случувал во регионов и фактот што токму Скопје и Македонија беа избрани за домаќини на Супер Куп натпреварот во 2017 е само потврда од раководството на УЕФА за добрата работа и вистинската насока по која се движи македонското фудбалско раководство. Сметам дека целокупната јавност треба да биде горда на ова достигнување бидејќи настат од ваков вид ќе придонесе за промоција на фудбалот, но и за промоција на градот и целтата земја

Ние овде, на овие простори имаме таков менталитет, нетрпеливи сме и сакаме резултати што се вели „преку ноќ“. Понекогаш,  ако евентуално „коцките се наредат“ можеби е можно и да се постигне некаков успех  за кратко време, но потенцирам дека тоа се изолирани случаи и резултатите се краткотрајни.

Вистинскиот пат по кој треба се движи, а гледам дека и раководството на македонската федерација го практикува е да се почне од основата. Акцентот да се стави на младинскиот фудбал, развивање на инфраструктурата, вложување во регионални фудбалски центри низ целата држава, создавање на оптимални услови за развој на фудбалот. Ова е можеби позадинска работа, невидлива за обичните навивачи и љубители на фудбалот, но тука лежи иднината на репрезентативниот фудбал.

Мило ми е што и ФФМ го има усвоено и го практикува овој систематски пристап на работа, за кој сум сигурен дека за одреден временски период ќе придонесе за фудбалски успех  кој сите го посакуват и со право  го очекуваат. Но, треба да се има трпение, да се покаже доверба и да се даде поддршка на секој чекор до постигнување на целта, истакна во своето обраќање претседателот на Хрватскиот фудбалски Сојуз и член на највисокото тело на УЕФА, Давор Шукер.




   
   
А репрезентација