Давид и Доријан Бабунски ја започнаа хуманата мисија за помош на мигрантите во Гевгелија

Објавено на 24 Декември, 2015 во Вести


Македонските репрезентативци Давид и Доријан Бабунски ја посетија Гевгелија и ја започнаа хуманата мисија за помош на бегалците како дел од акцијата за помош на мигрантите од азиските и африканските земји. Давид Бабунски пред две недели организираше акција на „Камп Ноу“ на која учестуваа 70 луѓе за собирање хуманитарна помош за својата акција. Фудбалската федерација на Македонија ја подржа хуманата акција на браќата Бабунски и обезбеди опрема за децата од кампот во Гевгелија.

-Гледајќи ја нивната насмевка чувствуваш како ти се проширува душата. Нашиот прв ден во кампот беше запознавање со зоната, персоналот и подготовка за нашите активности за следните денови. Кога изненадувачки моќта на фудбалот промени се, почнувајќи од предизвикување на вниманието на едно дете и завршувајќи со насмевки кај многумина од нив. Нурнати во магијата создадена од топката, која не сплоти во една заедничка цел, головите не мотивираа да споделиме радост и прегратки без важност кои сме и од каде доаѓаме. За момент успеавме да го заборавиме страдањето предизвикано од ѕверствата кои го демнеат светот“, напиша Давид на својот фејсбук профил.


Неговиот брат Доријан се заблагодари на УНХЦР за приемот, како и на Фудбалската федерација на Македонија за поддршката со фудбалска опрема.

-Прв ден во кампот на бегалците во Гевгелија. Многу насмевки, фудбал и магија. Многу деца, една топка и една игра. Моќта на фудбалот не сплоти сите заедно и ни овозможи да влеземе во една зона на среќа, каде што децата за момент заборавија на страдањата и болката, на предрасудите и ситуацијата што ја доживуваат. Има многу луѓе што шепотат гласно за да бидат слушнати. И ние ќе направиме се што е во можност да помогнеме. Бескрајна благодарност до УНХЦР за поддршката и приемот, како и до ФФМ за фудбалската опрема и грижата, напиша Доријан на својот фејсбук-профил.




   
   
А репрезентација