Давид Бабунски: Привилегија e да се игра за националниот тим и треба да дадеме се од себе затоа што еднаш ова ќе престане

Објавено на 28 Мај, 2022 во Вести, Вести


Македонската А репрезентација ги продолжува подготовките за почетокот на новото издание на Лига на нации и воведниот натпревар против Бугарија на 2. јуни во Разград. На попладневниот тренинг на репрезентативниот тим се приклучија Енис Барди, Столе Димитриевски, Елиф Елмас и Дарко Велковски. 

Давид Бабунски, еден од репрезентативците на Македонија ќе биде дел од претстојните четири меча од Лигата на нациите. Првиот предизвик е Бугарија на 2 јуни во Разград.

- Ова е нов предизвик. Треба да продолжиме да се развиваме и да го потврдиме нашиот квалитет. Стигнавме до ситуација кога Македонија се гледа како фаворит во една група што не беше случај претходно. Тоа е благодарение на нашите резултати и настапи во квалификациите и претходните Лига на нации.

- Одлична шанса за сите оние кои имаа мала минутажа да покажат дека можат да играат за репрезентацијата. Тоа е шанса да ги покажат своите квалитети и да потврдат дека можат да дадат допринос.

- Сите репрезентации одат со намера да победат, па така и ние. Ќе одиме на победа на секој натпревар. Што се однесува до напорната сезона и колку тоа може да влијае врз играчите, мислам дека ова е наша професија и привилегија e да се игра за националниот тим и треба да дадеме сѐ од себе затоа што еднаш ова ќе престане. Затоа треба да го користиме секој момент, да уживаме, да напредуваме и да донесеме радост на нашиот народ.




   
   
А репрезентација