Објавено на 12 Јуни, 2015 во Вести, Вести
Фудбалерот на Работнички и младински репрезентативец денеска ќе биде на попладневниот тренинг од 18.00 часот со најдобрата селекција. Дарко Велковски ги одигра сите 90. минути во синоќешниот натпревар на Македонија до 21 година против Исланд.
-Повредата на Ванче Шиков не натера да размислуваме на уште една алтернатива на позицијата централен дефанзивец, сметаме дека Дарко Велковски може да одговори на предизвикот доколку е потребно. Се работи за еден од најталентираните македонски фудбалери и мислам дека е добро и за него да ја почувствува атмосферата во нашата репрезентација и да помогне во насока да оствариме позитивен резултат. Поголемиот дел од тактичко-техничкиот дел од тренинзите го одработивме во Скопје, тука во Рајецке Теплице работиме полесни тренинзи, со намален интензитет, а утре на официјалниот тренинг ќе ги запознаеме и условите на стадионот во Жилина. Исклучително сум задоволен од подготовките и односот на играчите, сеуште имам одредени дилеми околу почетниот состав, но главно знам кои од играчите ќе го понесат главниот товар во пресметката со Словачка. Ќе биде тежок натпревар, Словачка има добар тренер и искусни играчи, но ние од првата минута ќе ја бараме нашата игра и тоа за што сме дојдени во Жилина, истакнува Друловиќ.
Стадионот во Жилина е распродаден, Словачка ќе има поддршка од близу 11-ет илјади навивачи. Петар Пекарик, фудбалерот на Херта Берлин вели дека натпреварот ќе биде тежок, Македонија со новиот селектор е многу мотивирана, но репрезентативецот на Словачка истакнува дека нивниот селектор Јан Козак создал одлична репрезентација и ќе се обидат да ја остварат шестата победа во квалификациите за Европското првенство.
На позитивни работи од квалификацискиот натпревар се надеваат и нашите репрезентативци, напаѓачот Мирко Ивановски и дефанзивецот Владимир Димитровски.
-Словачка е фаворит со оглед на прикажаната игра и состојбата на табелата, но тоа не значи дека натпреварот за нив веќе е добиен. Се почнува од нула, убеден сум дека ќе одиграме одличен натпревар. Ќе се обидеме да пронајдеме завршница која ни недестасуваше на последните неколку натпревари. Задоволни сме од подготовките, од новите методи на работа кои ги наметна селекторот и се надеваме на позитивни работи, вели Мирко Ивановски.
-Свесни сме дека можеме многу да добиеме, позитивен резултат ќе ни значи многу во продолжението од квалификациите. Словачка е силна репрезентација, своето модерно фудбалско лице го потврдија со шесте победи во исто толку круга од квалификациите. Ги почитуваме словаците, но доколку одиме по нашиот пат кој го зацртавме во подготвителниот период можеме да изненадиме. Ќе биде многу тежок дуел, ќе ни треба и среќа, но се надевам дека ќе ја заслужиме, вели Владимир Димитровски.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....