Објавено на 05 Јуни, 2025 во Вести, Семинари
Центарот за едукација при Фудбалската федерација на Македонија, во периодот од 18 мај до 19 јуни 2025 година, организира три семинари за добивање УЕФА тренерски лиценци – УЕФА Ц курс, УЕФА Б курс и УЕФА А курс.
Првиот модул од УЕФА А курсот се одржа во Дојран, во периодот од 18 до 23 мај 2025 година, каде учествуваа 29 кандидати. Овој модул беше првиот од вкупно три модули, потребни за стекнување на УЕФА А лиценца. Кандидатите покажаа високо ниво на ангажман и посветеност, како и активно учество во наставата, успешно извршувајќи ги сите поставени задачи и практични тренинзи.
На 30 мај се одржа УЕФА Ц курсот, на кој учествуваа 32 кандидати, додека обуката за УЕФА Б лиценца ќе се одржи во периодот од 13 до 19 јуни 2025 година.
Исто така Центарот за едукација во мај го комплетираше и првиот УЕФА А фитнес семинар кој се одржа во ФФМ Скопје, на кој земаа учество 21 кандидат.
Дополнително, Центарот за едукација го најави и курсот за највисокото ниво на тренерска лиценца – УЕФА ПРО лиценцата, кој ќе започне во септември 2025 година во Скопје.
За време на обуките, беа применети современи методи, практични примери, тренинг-сесии и теоретска настава на теми поврзани со процесот на тренирање, во согласност со новата УЕФА конвенција за 2024/2025 година.
Значаен интерес беше забележан за сите организирани курсеви, што претставува охрабрувачки показател за растот на тренерската професија во македонскиот фудбал. Меѓу пријавените се најдоа голем број поранешни и активни фудбалери, вклучувајќи и репрезентативци, кои ја препознаа вредноста на едукацијата и се одлучија за развој на својата тренерска кариера.
Центарот за едукација со гордост истакнува дека работеше со мотивирани и посветени кандидати, подготвени целосно да се вложат во процесот на учење. Од своја страна, обучувачите несебично го пренесоа своето стручно знаење и искуство, како основа за идниот успех и развој на секој од нив во тренерската професија..
Посебно значаен аспект е учеството на 13 кандидатки – жени, што претставува важен и охрабрувачки чекор кон зголемување на женското присуство во тренерската професија. Нивното учество дополнително ја нагласува заложбата за еднакви можности и инклузивност во фудбалската едукација.
Образовниот процес на овие кандидатки беше целосно поддржан и стипендиран од страна на УЕФА и ФФМ, како дел од заедничките напори за развој на женскиот фудбал и унапредување на женските тренерски капацитети на национално ниво.
Наставата беше целосно реализирана од страна на едукаторите од Центарот за едукација и надворешни соработници:
· Борче Христов – директор на ЦЕ, носител на ПРО лиценца
· Проф. д-р Вујица Живковиќ – професор на ФФОЗС, едукатор, носител на ПРО лиценца
· Проф. д-р Жикица Тасевски – едукатор, носител на ПРО лиценца
· Проф. д-р Висар Ганиу – едукатор, носител на ПРО лиценца
· Гордан Здравков – едукатор, носител на ПРО лиценца
· Проф. д-р Ленче А. Величковска – декан на ФФОЗС, предавач
· Горан Станич – селектор на младата репрезентација на Македонија (У21)
· Доц. д-р Зоран Ханџиски – специјалист по спортска медицина
· Филипина Негриевска - Експерт за заштита на деца и млади
· Ирена Бакревска Милошевска - Раководител на оддел за меѓународни активности, проекти и општествена одржливост при ФФМ.