Објавено на 05 Август, 2021 во Вести, Вести
Фудбалската федерација на Македонија официјално го промовираше Благоја Милевски за селектор на македонската А репрезентација.
На денешната прес-конференција,претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Мухамед Сејдини во име на „Куќата на фудбалот“ му посака честитки и искрени желби за успех. Првиот човек на македонскиот фудбал истакна дека целите со новиот селектор се пласман на следното Европско првенство 2024 година.
- Вашето знаење, вашата страст и искуство несомнено ќе има важно влијание на развојот на фудбалот во Македонија. Доаѓаш на позицијата селектор на најдобрата наша репрезентација потполно подготвен за нови успеси и нови победи.
Ти си човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и сигурни сме дека тој пат мора да продолжи.
Македонската репрезентација веќе покажа дека има сила и квалитет. Сега е најважно да покажеме силен карактер и повторно да ги радуваме нашите навивачи.
Ви посакувам среќа и успех во сите предизвици кои се пред вас и трудете се да создадете трајно наследство за иднината на фудбалот во Македонија.
Јас и Управниот одбор на Федерацијата сме убедени во потенцијалот на фудбалерите и можете да сметате на наша целосна поддршка во остварување на целите, истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Благоја Милевски во својата изјава истакна дека ветува максимална работа и посветеност, за нови радости и победи на најдобриот национален тим.
- Можам да ветам максимална посветеност во мојата работа и професионалност. Вреднување на човечките вредности на сите нас. Ќе соработувам со голем број на познати личности. Возбуден сум за тоа. Едвај чекам да се видиме повторно. Сето она кое ни следи за новиот циклус, можам да кажам дека заедничка цел на сите ни е ЕП 2024 година, но во тековните квалификации за СП 2022 во Катар ќе дадеме се што умееме и знаеме за да имаме успешни квалификации и да останеме конкурентни до крајот на циклусот, изјави Милевски.
- Ова не е приватен тим. Сите се Македонија. Сите ќе треба да одговорат на предизвикот. Дека ќе има измени, ќе има, знаете дека Пандев, Тричковски и Велкоски изразија желба да прекинат со настапите за А-тимот. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам за сето она кое го постигнаа. Исто и на мојот претходник Ангеловски за афирмацијата на македонскиот фудбал, дополни Милевски.
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....