Благоја Милевски од 1. август нов селектор на македонската А репрезентација

Објавено на 25 Јуни, 2021 во Вести, Вести


Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница во „Куќа на фудбалот“ донесе одлука за назначување на Благоја Милевски за селектор на македонската А репрезентација.

Сеуште актуелниот предводник на репрезентацијата до 21 година ќе ја преземе селекторската функција во А репрезентацијата од 1. август 2021 година.

Муамед Сејдини - претседател на Фудбалска федерација на Македонија:

„Најпрвин, од мое лично и од име на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија упатувам благодарност до Игор Ангеловски за неговата работа и придонесот кој го даде за успесите со македонската А репрезентација.

Игор Ангеловски самиот најави дека по завршувањето на Европското првенство ќе бара нови предизвици во својата кариера и сега е време ние да ја почитуваме неговата одлука и да ја  покажеме нашата благодарност за неговата работа и страст во сите овие години на чело на македонската А репрезентација.

Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи.

Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила.

Македонската А репрезентација ќе ја предводи селекторот Благоја Милевски кој ја создаде златната генерација македонски фудбалери која беше меѓу 12-те најдобри селекции во Европа и фудбалери кои веќе неколку години се дел од нашиот најдобар национален тим.

Веруваме во квалитетите на Благоја Милевски и убедени сме дека ќе продолжи со успех да ја предводи и А репрезентацијата. Уште повеќе затоа што на секоја разумна и личност со вистински вредности му докажа каков човек е и каков тренер е“.

На седницата на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија беше донесена одлука за назначување на Драган Канатларовски за селектор на македонската репрезентација до 21 година. 

Поранешниот селектор на нашиот најдобар национален тим ќе ја презеде младата репрезентација од 1. август 2021 година.

Фудбалската федерација на Македонија во следниот период ќе организира прес - конференција со новите селектори на македонската А репрезентација и селекцијата до 21 година. 




   
   
А репрезентација