Благоја Милевски: Низ селективните натпревари добиваме слика за потенцијалните репрезентативци

Објавено на 09 Декември, 2016 во Вести, До 21 год


Селекторот на македонската репрезентација до 21 година Благоја Милевски на брифинг со медиумите ги изнесе своите очекувања од селективните натпревари на 12. и 14. декември на теренот со вештачка трева во Ѓорче Петров против селекцијата на играчи од А репрезентацијата која ја одреди Игор Ангеловски.

-Ова е веќе втора селекција на играчите од генерацијата 1996/97 и помлади која треба да ги започнат квалификациските натпревари во септември за Европското првенство 2019 година. Низ овој процес намерата и планот е да одредиме до 22-23 фудбалери кои во март би имале и посериозни тест натпревари со други репрезентации. Најголем дел од играчите се од домашниот шампионат, но и тие неколкумина интернационалци кои се во селекцијата мораат да го потврдат својот квалитет доколку сакаат да се наметнат во репрезентативниот дрес. Иако овие два натпревари немаат натпреварувачки карактер, напротив целта е сосема поинаква, сепак и јас и селекторот на А репрезентацијата можеме да добиеме слика за дел од повиканите фудбалери кои можат или не мора да бидат во плановите за идните репрезентативни настапи, изјави Милевски.

-Во план за настап на овие натпревари беа и Таулант Сефери, Стефан Јефтовски и Емил Абаз, но поради клупски обврски не се во можност да настапат. Веќе одработивме еден тренинг, играчите се чувствуваат добро, се надевам дека ја сфаќаат одговорноста која ја носи репрезентативниот дрес и дека ќе го дадат најдоброто да се наметнат и во важните квалификациски натпревари, додаде Милевски.

Првиот натпревар е во понеделник (12.12.2016) во 13:00 часот на теренот со вештачка трева во населбата Ѓорче Петров.




   
   
А репрезентација