Благоја Милевски: Имаме право да се надеваме на позитивни работи

Објавено на 20 Август, 2015 во Вести, До 21 год

Македонската репрезентација до 21 година на 5. септември на тренинг центарот „Петар Милошевски“ против Украина го игра натпреварот од вториот круг од квалификациите за Европското првенство.

И покрај поразот на гостувањето во Исланд од отворањето на квалификациите, селекторот на нашите надежи, Благоја Милевски гледа позитивно, вели дека секој натпревар е различен, посебен и мора да се трудиме да го дадеме најдоброто за да се надеваме на победа.

-Натпреварот против Украина ќе биде прв за нас на новиот стадион во центарот „Петар Милошевски“, се надевам дека ќе го видиме новиот лик и на репрезентацијата во овие квалификации, а посебно во однос на сликата која ја прикажавме во второто полувреме од натпреварот против Исланд. Украина е многу силна репрезентација, квалификациите ги започнува со пресметката во Скопје. Сите репрезентативци на Украина се генерација `94-та, на последните пет натпревари запишаа три победи, две против Словенија, ја совладаа Молдавија, а загубија од репрезентацијата до 22 години на Чешка. Украинците се сосема поинаков тим во однос на Исланд и според профилот на играчите и во однос на играта. Многу важно за нив е тоа што фудбалерите кои се со составот играат стандардно во нивните тимови, капитенот Јурченко е во Баер Леверкузен, останатите во прволигашки екипи во Украина. Но, без разлика на сѐ, ние рековме дека ќе се стремиме на победа на секој натпревар, тој пристап нема да го менуваме.


Селекторот Милевски вели дека базата на младата репрезентација веќе е направена, на контролните натпревари против силни противници фудбалерите покажаа дека имаат квалитет, се надева дека тоа ќе го потврдат во идните пресметки од квалификациите.

-Без разлика на поразот од Исланд, истите тие фудбалери запишаа неколку добри победи против силни репрезентации. Верувам дека слабото второ полувреме против Исланд нема да го повториме. Базата на репрезентацијата ја создадовме, играчите потврдија дека имаат талент и квалитет, одговорноста кај сите нас е тоа да го потврдуваме на секој следен натпревар. Одредени играчи немаат минутажа, или играат малку во своите клубови, некој дури сеуште го решаваат клупското прашање, но се надевам дека тоа нема да биде причина да немаме успешен настап против Украина. Мора да се подготвиме добро, скромно влеговме во квалификациите, но имаме самодоверба и длабоко верувам дека можеме да ја оствариме целта.

На 7. септември во Скопје играме пријателски натпревар против Австралија?

Одиме од натпревар во натпревар. Украина е многу поважен натпревар.Австралија доаѓа со репрезентација до 22 години, но за тој натпревар по завршувањето на пресметката против Украина.




   
   
А репрезентација