Објавено на 15 Јуни, 2017 во Вести, До 21 год
На два дена од отворањето на Европското првенство против Шпанија во Гдиња, селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година Благоја Милевски истакнува дека неговите фудбалери имаат што да покажат на собирот на дванаесетте најдобри селекции во Европа.
Останува уште еден тренинг до првиот настап на македонската репрезентација до 21 година на Европското првенство.
-Меѓу фудбалерите, како и во стручниот штаб, владее одлично расположение. Сите сме помалку возбудени во позитивна смисла што се приближува почетокот на натпреварувањето и што имаме можност да го отвориме шампионатот против исклучително квалитетен противник, истакнува Милевски.
Подготовките се речиси завршени, а на 17. jуни треба да се докажуваме против еден од фаворитите за големото финале на Европското првенство?
-Треба да сме задоволни од нашите фудбалери. Работеа на високо ниво и покажаа желба и мотив. Оваа генерација е способна да се покаже во најдобро светло, против најдобрите европски репрезентации. Овој тим е во состојба да одговори на предизвикот на сите три натпревари во групата, а каков ќе биде исходот на крајот – ќе видиме. Целта е да го дадеме најдоброто од себе, да се радуваме во играта и дуелите против големите противници, вели Милевски.
Фудбалерите, исто така, велат дека на тренинзите го даваат максимумот, го чекаат првиот натпревар за да ги покажат квалитетите.
-Задоволен сум што ја покажуваат својата одговорност и дисциплина. Не чека навистина тежок натпревар и би сакал сите заедно да ја задржиме вербата во себе. Се надевам дека ќе играме на нивото од квалификациските натпревари.
Натпреварот со Шпанија би можел да го одреди расплетот во веројатно најтешката група на Европското првенство?
-Шпанија е состав кој секако може да промени многу работи на теренот, но реков, ние се подготвуваме и ќе се концентрираме првенствено на себе и на своите задачи. На тој начин станува помалку важно во кој состав игра противникот. Имаме самодоверба и подготвени го чекаме почетокот.
Притисокот кој го носат големите натпреварувања е неизбежен.
-Работевме и на психолошка подготовка, но овие фудбалери се талентирани не само фудбалски, туку и карактерно. Веќе докажаа дека можат да се носат со притисокот од овој тип, а без разлика на расплетот на ова првенство, овие фудбалери остануваат иднина на македонскиот фудбал.
Како се однесуваат фудбалерите со медиумското внимание и секое друго спроти настапот на Европското првенство?
-Се разбира дека сите ние добиваме голем број на информации и вести, овој тим го следат многу луѓе и медиуми. Тоа е убаво заради поддршката, но работиме на тоа да им го олесниме товарот кој го носи притисокот. Сите им посакуваат добро, сакаат да им дадат поддршка, а овие фудбалерите се наша иднина, но и прекрасни момци. Имаат прилика да играат на Европско првенство и би било штета да им помине во нервоза и страв. Мораат да уживаат во тоа.
Кој се фаворити на Европското првенство во Полска?
-На турнирски систем на натпреварување секогаш се можни изненадувања, можат да одлучуваат детали, осцилациите исто така се нормални за овој период. Ние можеби се наоѓаме во најтешката и најатрактивна група, но ова е мотив повеќе за нас бидејќи имаме прилика одново да го покажеме квалитетот и тимскиот дух против најдобрите.
Македонија го отвора Европското првенство на 17. Јуни против Шпанија на стадионот во Гдиња (20:45), а во второто коло на 20. Јуни играме против Србија, а потоа на 23. Јуни не чека последниот натпревар во групата против Португалија.
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....