Благоја Милевски - Тимската игра е на прво место, само тоа ќе не води кон успех

Објавено на 14 Октомври, 2014 во Вести, До 21 год

Македонската репрезентација до 21. година славеше победа од 2:1 против Романија на првиот натпревар на Благоја Милевски како предводник на нашите надежи.

Селекторот на репрезентацијата е задоволен од прикажаното на теренот, а посебно од односот на играчите кон репрезентативниот дрес и нивната желба и мотивираност да остварат победа.

„Одигравме квалитетен натпревар против силна репрезентација која има подобар рејтинг од нашиот. Играчите кои беа селектирани за натпреварот со Романија одработија квалитетни подготовки на тренинг кампот во Дојран, а победата е награда за сработеното. Задоволен сум од прикажаното на теренот, ги реализиравме поставените цели и техничко-тактички замисли, посебно во првиот час од натпреварот. Во последните триесетина минути физички малку паднавме, но сето тоа го надополнивме со голема желба, силна мотивираност и ангажираност да се оствари зацртаното. Посебно ме радува психолошката цврстина која синоќа ја имаа фудбалерите, не подклекнаа ниту кога Романија постигна погодок, напротив беа решени да остварат победа, а не да одиграат за да не загубат. Тоа ќе биде новата филозофија во нашиот национален тим и доколку продолжиме кон зацртаниот правец не може да биде лошо“, вели Милевски.

Селекторот на репрезентацијата им даде шанса на четворица фудбалери да дебитираат во младата селекција.

„Против Романија дебитираа Пивковски, Барди, Бесир Демири и Картал. За Картал сеуште неможеме да дадеме конкретна оцена или мислење за неговите квалитети, но го следиме преку настапите во турското првенство. Задоволен сум од играта и посебно од односот кон националниот дрес на фудбалерите кој прв пат добија шанса да бидат дел од селекцијата“, изјави Милевски.

Тимската игра е на прво место, само тоа ќе не води кон успех. Поединецот мора да биде во функција на целиот тим.

„Давид Бабунски одигра многу квалитетен натпревар, се стави во функција на тимот и за мене тоа е многу важно. Поединците мора да бидат во функција на целиот состав. Создаваме позитивна работна атмосфера, ме радува сплотеноста на играчите, тоа го потврдија и на натпреварот. На следните натпревари исто така мораме да бидеме со силна енергија и желба за победа. Ќе го искористиме ноемврискиот термин за нов контролен натпревар и ќе имаме уште појасна слика за тимот кој ќе не води низ следниот квалификациски циклус. За нас, тимската игра е на прво место и секој од нас треба да се стави во функција на тимот. Само тоа ќе не води кон успеси, поинаку не смее да биде“, заклучува Благоја Милевски.




   
   
А репрезентација