Објавено на 30 Јули, 2015 во Вести
Како една млада девојка се „најде“ во судењето, во традиционалното машко друштво?
Билјана Атанасовски: Цел живот сум поврзана со фудбалот. Тоа е мојата најголема љубов. Долги години активно се занимавав со овој спорт. По завршувањето на мојата фудбалска кариера ми се укажа шанса да станам фудбалски судија. Случајно стапив во контакт со еден наш поранешен женски судија кој успеa да ме воведе во судиските води. Првото мое судиско искуство беше на натпреварите во најмладите конкуренции, помлади пионери и пионери.
Дали е лесен патот да се стане женски судија во Македонија?
Ивана Пројковска: Не е лесно воопшто. Потребна е голема жртва, треба да се вложи голем труд. Патот за да се постане судија во Македонија е многу тежок и макотрпен. Бара откажување од многу работи. Сметам дека желбата тука игра најголема улога. Се што сѐ сака, се може. Постојат многу пречки и разочарувања на патот за да се стане судија, меѓутоа човек со тоа треба да се соочи, да го преброди и да продолжи понатаму кон остварување на својата цел.
Како се станува судијка на ФИФА?
Ивана Пројковска: Најпрво се полагаат одредени тестови кои се однесуваат на правилата на фудбалската игра, како и физички норми со кои се стекнува категоријата постојан фудбалски судија. Со судењето на одреден број фудбалски натпревари се стекнува правото за полагање на категории. Во Македонија има три категории: Втора, Прва и Републичка. Најдобрите судијки од овие категории се предложени на УЕФА од страна Фудбалската федерација на Македонија. Понатаму Европската куќа на фудбалот одлучува кои од овие судијки ќе добие европска лиценца за судење на натпревари.
Бевте дел од големи настани, Европските првенства до 19 и 17 години, какво е искуството кое го носите од Исланд и Израел?
Ивана Пројковска: За прв пат во мојата судиска кариера ја добив довербата од УЕФА да ја делам правдата на еден голем меѓународен турнир каков што е Европското првенство за жени до 17 години кое се одржуваше во Исланд. За мене ова претставуваше непроценливо искуство. И порано сум била дел од судиската екипа на завршни натпревари, како што беше случајот со Европското првенство за жени до 19 години кое се одржуваше во нашата земја, меѓутоа на тој турнир сеуште го немав знакот на Фифа и бев назначена како четврти судија.
Билјана Атанасовски: Со оглед на тоа што конкуренцијата беше на едно високо ниво, искрено не се надевав дека ќе бидам дел од судиската четворка во финалето од Европското првенство за жени до 19 години кое беше одржано во Израел. Ова за мене претставуваше остварување на сонот, непроценливо искуство, како и чекор напред во мојата судиска кариера.
Во Македонија има неколку женски судии. Поради кои причини се реши да започнеш со судењето?
Билјана Атанасовски: Кога почнав со делењето правда на фудбалските мечеви, во Македонија немаше конкуренција во женското судење. Тоа што претходно активно тренирав фудбал ми помогна многу со судењето и ми беше полесно да вклопам во целиот тој судиски систем.
Кои се вашите следни желби и аспирации?
Билјана Атанасовски, Ивана Пројковска: Обострана желба ни е да бидеме дел од судискиот тим на едно Светско првентсво во фудбал каде би ја претставиле нашата земја и Фудбалската федерација на Македонија во позитивно светло.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....