Објавено на 06 Август, 2014 во Билети, Вести, До 21 год
Билетите за натпреварот Македонија – Израел од квалификациите за Европското првенство 2015 за репрезентации до 21 година, Фудбалската федерација на Македонија преку официјалниот дистрибутер MkTickets ќе ги пушти во продажба на 8 август 2014 година (петок) и ќе можат да се купуваат единствено во просториите на Фудбалската федерација на Македонија, комплекс „Куќа на фудбалот“ - бул. АСНОМ бб, Скопје. Цената на влезница за натпреварот кој ќе се одигра на 13 август (среда) во 20.00 часот изнесува 100 денари, а важна напомена е тоа што едно лице ќе може да купи еден билет исклучиво со приложена лична карта. Останати документи нема да бидат земени во предвид. За малолетници (без лична карта) ќе гарантираат родителите / старателите и единствено со родителот / старателот ќе можат да влезат на стадион. На денот на натпреварот вратите на Националната арена „Филип Втори“ ќе бидат отворени за влез од 18.00 часот, а ќе се затворат во 19.45 часот.
Сите посетители на натпреварот со себе треба да имаат лична карта која ќе треба да ја приложат на самиот влез, заедно со билетот.
Се молат посетителите да ја почитуваат временската рамка за влез на стадион, од која нема да има отстапки.
Одлуката за ваквиот начин на продажба и дистрибуција на билети е донесена по препорака на органите за безбедност, како мерка на претпазливост поради актуелните случувања во Израел.