Објавено на 30 Мај, 2014 во Вести
Илијоски и Јаховиќ не погодија две чисти шанси за победа на Македонија. Имавме доминација во посед на топката, упативме 14 удари кон голот на Катар, но не успеавме во најважниот елемент. Не реализиравме. Стефан Спировски повторно одигра одличен натпревар.
Македонија агресивно го започна натпреварот, правевме пресинг во почетните минути, но сепак Катар ја имаше првата посериозна шанса. Во 11та минута Наумовски со прекрасна интервенција спречи погодок за катарците преку Боуален. Пет минути подоцна се закани и Калид Хасан од слободен удар, но одново на висина на задачата беше нашиот голман Наумовски. Првата сериозна шанса ние ја имавме во 21та минута по ударот со глава на Кире Ристевски откако центрираше Ибраими. Од 25та до 30та минута го имавме најголемиот притисок кон голот на Катар. Одлична шанса не искористи Спировски по асистенција на Абдурахими; во следниот напад се обиде Тричковски; минута подоцна немаа среќа да реализираат најпрво Ибраими, а потоа и Јован Костовски. Последната полу-прилика во првиот дел ја пропушти Катар, повторно по обид на Боуален. На паузата по првиот дел се замина без голови.
Во второто полувреме целосно доминираше нашата репрезентација и покрај речиси целосно новиот тим кој играше во продолжението - селекторот Ѓуровски направи девет измени во вториот дел. Адис Јаховиќ во 71та минута ја пропушти најубавата шанса на натпреварот, откако не искористи сто-постотна прилика по додавањето на Спировски. Претходно, во шанса за водство влегоа и Костовски во 56та минута и Цуцули во 62та минута.
Во 82та минута Баже Илијоски пропушти уште еден зицеер за предност од 0-1. Напаѓачот на Работнички излезе сам пред голот на Катар, но шутираше покрај левиот дирек.
Генерално позитивно е што добивме неколку играчи за во иднина. Денеска игравме храбро, свесно презедовме ризик и вистинска штета е што не реализиравме. Среќата беше на страна на Катар. Реализацијата е нашиот проблем, техничкиот потег одлучува натпревар, ние денеска го немавме, но се надевам дека на важните дуели ќе бидеме на вистинско ниво и во тој дел - изјаво селекторот Бошко Ѓуровски.
На денешниот пријателски дуел против Катар, за Македонија настапија следните фудбалери: Наумовски (Ефремов 46’), Георгиевски (Тодоровски 74’), Грнчаров (Дамчевски 46’), Ристевски, Цуцули, Спировски, Абдурахими (Велковски 61’), Трајковски (Маневски 74’), Ибраими (Илијоски 64’), Тричковски (Сулејманов 64’ - Бабунски 78’), Костовски (Јаховиќ 59’).
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....