БЕСАРТ АБДУРАХИМИ – МАКЕДОНИЈА Е СЦЕНАТА НА КОЈА ЌЕ ГО ПОТВРДАМ КВАЛИТЕТОТ

Објавено на 23 Мај, 2014 во Вести

Секоја приказна е индивидуална. Секоја кариера е различна. Она што е важно – сега е во наши раце. Бесарт Абдурахими ја одбра армијата со која сака да „војува“. 24 годишниот фудбалер на Хапоел Тел Авив е новиот македонски А репрезентативец.

Пристоен, добро воспитан и вредно момче кое почитува авторитет, со верба во својата работа, учење и фудбалски напредок. Иако кратко време е во таборот на македонската репрезентација, впечатокот за Абдурахими е многу позитивен. Со однесувањето, но и со животните вредности кои ги добил од своето семејство, а потоа од фудбалските вештини добиени од младинските школи на своите клубови и хрватската репрезентација.

-Започнав да играм фудбал на шест години и како и сите деца, ништо сериозно се додека тренерите не го препознаат талентот и квалитетот, а потоа станува се посериозно. Почнав во еден мал клуб пред да заминам во Локомотива, а потоа во младите пионери на Загреб, клуб во кој бев до пред осум месеци. Ги поминав младинските селекции на Хрватска, драго ми е што бев дел од супер талентираната селекција на „коцкестите“ заедно со Иван Ракитиќ, Дејан Ловрен, Иван Перишиќ. Заедно минавме низ два квалификациски циклуси. Сега сум во нов тим и нова репрезентација, искрено, мислам дека и предолго се задржав во Загреб, не жалам за ништо, но факт е дека ми требаше промена на средината за да созреам подобро како фудбалер. Мислам дека секоја промена е добра, клубската сигурно, се надевам дека тој впечаток ќе го имам и за репрезентативната промена.

Бесарт Абдурахими е роден во Хрватска. Неговите родители се од Градец, малото гостиварско место кое Бесарт го посетува секоја година. Првиот повик за неговото приклучување кон македонскиот национален тим го добил од Петар Милошевски и Арѓент Беќири.

-Македонија е земјата на моите родители, иако пред речиси три и пол децении се преселиле во Хрватска. Јас сум роден и израснат во Хрватска, но секоја година доаѓам во гостиварски Градец, родното место на моите родители, таму се сите мои роднини, а тоа вечно ќе ме поврзува. Петар Милошевски и Арѓент Беќири беа првите кои ме побараа и ми ја претставија идејата да заиграм за репрезентацијата на Македонија, се разбира во консултација со селекторот. Во прв момент, малку бев збунет. Желбата да го облечам дресот на Македонија никогаш не беше доведена во прашање, само ми се случија неколку работи во краток период. Направив трансфер во Хапоел Тел Авив, се обидував да се адаптирам на начинот на живот и работа во Израел, првите натпревари ги одиграв навистина квалитетно, но следуваше пауза поради повреда. На крајот одговорив потврдно на повикот и среќен сум поради тоа. Говемо значење во носењето на одлуката имаше и поддршката која ја добив од моите најблиски, од родителите и девојката Сабина, заедно сме пет и пол години и нејзината поддршка ми значи многу.

Талентираниот фудбалер од средниот ред вели дека репрезентацијата на Македонија е сцената на која сака да го потврди квалитетот. Благодарен е за приемот во новата средина.

- Отсекогаш ги следев настапите на македонската репрезентација. Македонија и Хрватска се двете селекции за кои секогаш ќе навивам. Првите впечатоци се навистина одлични, се чувствувам како да сум со години во тимот. Сакам да им се заблагодарам на сите во составот, знам дека не е лесно кога влегуваш во нова средина, но навистина сум задоволен, работите се позитивни. Ги познавам играчите на Македонија, го следам секој настап на репрезентацијата. Сите се многу позитивни, се надевам дека ќе соработуваме на одличен начин и ќе се бориме за позитивни резултати. Разговарав и со Адеми, разбрав дека и тој прифатил да игра за Македонија, мое мислење е дека тоа е добро и за него и за нашиот нов репрезентативен состав. Македонската репрезентација во минатото знаела да направи проблеми за големите фудбалски селекции, така беше и во минатиот квалификациски циклус, Хрватска со многу среќа победи на двата натпревари, а победата против Србија беше од големо значење. Групата во квалификациите за ЕП 2016 година е силна, но за нас е добро што и третото место може да донесе пласман на Евроското првенство. Мора да се бориме, да бидеме на подобро ниво од минатите квалификации. Да бидеме трпеливи, да одиме натпревар по натпревар.

Бесарт Абдурахими ги чека финалните документи од ФИФА пред официјално да го облече дресот на македонската репрезентација.




   
   
А репрезентација