Бабунски: Среќен сум што повторно сум во тимот. Алексовски: Одиме на победа

Објавено на 07 Октомври, 2015 во Вести, До 21 год

Македонската репрезентација до 21 година денеска го има првиот собир спроти квалификацискиот натпревaар против Северна Ирска на 13. октомври на гостински терен.

Нашите надежи предводени од селекторот Благоја Милевски попладне во 16.30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе го одработи првиот од предвидените четири тренинг сесии во Скопје. Еден од предводниците на младата репрезентација, Давид Бабунски смета дека победата против Украина е многу значајна за самодовербата во тимот и притисокот за добар резултат.

- Среќен сум што повторно сме заедно во репрезентацијата. Имаме одлична екипа, добри фудбалери и самодоверба пред дуелот со Северна Ирска. За тимот е многу значајна победата на последниот натпревар против Украина, ќе се одидеме заеднички да оствариме нов успех. Овие неколку денови ќе ги искористиме целосно да се посветиме на репрезентативните обврски и максимално да ги следиме и исполнуваме насоките кои ги добиваме од стручниот штаб. Во Северна Ирска патуваме со една цел, да победиме и да го потврдиме квалитетот и заедништвото кое го имаме во тимот, вели Бабунски.

Голманот на репрезентацијата, Игор Алексовски вели дека Северна Ирска има добра репрезентација, воопшто не се наивни, но ние сме состав кој размислува само на победа без разлика на противникот.

-Очекувањата се големи, многумина сметаат дека треба да победиме, таков е и нашиот пристап, но нема да биде лесен натпревар. Северна Ирска на претходните натпревари потврди дека има добар квалитет, но најважни сме ние. Овој состав на секој натпревар размислува на победа, така ќе биде и на 13-ти октомври. Во тимот има одлична атмосфера, дополнително ќе го анализираме противникот во наредните неколку денови и сигурен сум дека ќе се подготвиме на најдобар начин, вели Алексовски.




   
   
А репрезентација