Ангеловски: Одиме на победа, не сум тренер кој бара алиби

Објавено на 13 Март, 2017 во Вести, Вести


Селекторот на македонската А репрезентација Игор Ангеловски по објавувањето на списокот повикани фудбалери за натпреварот со Лихтенштајн даде свое видување за играчкиот кадар во селекцијата и очекувањата од натпреварот. Предводникот на нашата најдобра селекција на прес-конференцијата истакна дека очекува да ја забележиме првата победа во квалификацискиот циклус за пласман на СП во Русија.

Селекторот на Македонија не може да смета на Езџан Алиоски кој треба да одлежи еден меч поради суспензијата од два жолти картони. Алиоски ќе биде во составот за мечот против Белорусија на 28. март во Скопје. По одличните игри во дресот на Осијек повик доби Музафер Ејупи кој во моментов е прв стрелец во хрватското првенство.

-Верувам во играчите, убеден сум дека ќе влеземе максимално подготвени и конечно после добрите игри, да освоиме и бодови во овие квалификации. Јас не сум тренер кој бара алиби, не бегаме од фаворитската улога, но нема ниту да ги потцениме, затоа што во минатото Македонија веќе се има „изгорено“ во дуелите со вакви репрезентации, истакна Ангеловски.

„Жал ми е што од стандардните репрезентативци поради повреда отпаднаа Барди и Спировски, како и Алиоски, кој нема право за настап поради жолти картони. Продолжив да ги вклучувам младите фудбалери во А-селекцијата и се надевам дека ќе составиме квалитетен тим. На овој меч ќе играме поофанзивно, сигурно ќе ја менуваме досегашната 3-5-2 формација, додаде Ангеловски.

Првиот собир нашиот национален тим го има на 20 март, додека првиот тренинг е истиот ден, од 15:00 часот, на тренинг-центарот „Петар Милошевски“.

Натпреварот Лихтенштајн - Македонија се игра на 24. март во Вадуц со почеток во 20:45 часот.



   
   
А репрезентација