Ангеловски и Пандев: Шпанија е фаворит, ние посветени на нашата игра ќе ја бараме шансата

Објавено на 11 Ноември, 2016 во Вести, Вести


Македонската А репрезентација го одржа официјалниот тренинг на „Лос Карменес“ во Гранада спроти утрешниот натпревар против Шпанија од квалификациите за Светското првенство 2018 година.

Селекторот на нашата најдобра репрезентација Игор Ангеловски на прес-конференцијата истакна дека верува во тимот и се надева на добра игра.

Верувам во фудбалерите, ние имаме свои цели и се надевам дека по мечот тие ќе бидат оставарени. Формациски нема да се менува ништо во нашата игра, но можни се неколку персонални измени, голман и уште две. Имаме можеби најмлада репрезентација, но тоа не ме плаши, верувам во младите и сигурно некој од нив ќе добие шанса. Во фудбалот битни се поединците, но најбитен е тимот, мора да играме тимски, само така можеме да им се спротивставиме на Шпанците. Можеби мал хендикеп за нив е што не играат некои од стандардните играчи, но тоа не мора да биде пресудно бидејќи имаат широк избор на квалитетни фудбалери, истакна на прес конферецијата селекторот на Македонија Игор Ангеловски.

Капитенот Горан Пандев верува дека Македонија ќе постигне погодок и дека ќе се претставиме во светло издание.

Шпанија е фаворит, но и ние одигравме одлични три квалификациски натпревари и не заслуживме да бидеме во оваа позиција на табелата. Имаме и млади играчи во тимот кои со нетрпение очекуваат да се надигруваат и верувам дека ќе се претставиме во светло издание. Се надеваме дека домаќините ќе остават доста простор за нас, за нашите контранапади. Знаеме дека се ослабени и за нив Рамос и Пике многу значат. Но, и тие што ќе ги заменат одлични фудбалери. Ако ја спроведеме стратегијата на селекторот верувам дека имаме шанса за добар резултат, вели Пандев.




   
   
А репрезентација