Објавено на 03 Јуни, 2019 во Вести, Вести
Најдобрата македонска репрезентација денеска го започна официјалниот подготвителен период за квалификациските натпревари за ЕУРО 2020. против Полска (7. јуни, 20:45) и Австрија (10. јуни, 20:45) на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Селекторот на нашата репрезентација, Игор Ангеловски на денешниот брифинг изрази задоволство од одработениот, прв дел од подготовките и поради фактот дека здравствениот билтен во репрезентацијата е на завидно ниво. Сите повикани фудбалери, вклучувајќи ги Алиоски, Трајковски, Несторовски и Велковски кои имаа одредени проблеми со повреди, ќе тренираат максимално и ќе се се борат за место во тимот кој ќе им се спротивстави на пољаците в петок на Националната арена.
„Многупати досега сум потенцирал дека е задоволство да се работи со вакви фудбалери. Крај на сезона е, неколкумина повредени, сите на работ на исцеденост и дадоа сѐ за да бидат подготвени за Македонија. Тоа само покажува за какви фудбалери се работи. Тоа ја покажува љубовта кон дресот и кон Македонија. Целта ја остваривме за првиот дел од подготовките. Тие што имаа повреди ги ставивме на максимум и сега комплетирани може сите да тренираме. Успешно се санирани повредите кај фудбалерите, па сега сакам само да не одминат тие повреди и комплетни да играме и со Полска и со Австрија после тоа. Со сиот респект кон Полска и кон Австрија, но во Скопје паѓале и поголеми репрезентации. Јас само се надевам дека со поддршка од публиката која ќе им даде крилја на овие фудбалери, зашто тие тоа го заслужија, уште еднаш ќе ја израдуваме Македонија“, вели Ангеловски.
Репрезентативецот Бобан Николов истакнадека Македонија не е аутсајдер во мечевите со фаворитите во групата, Полска и Австрија,
„Селекторот многупати ни има кажано дека не е важно против кого играме, туку за што играме и како ние ќе одиграме. Ако излеземе на терен и одиграме како што знаеме и умееме, ако ги исполниме сите задачи, мислам дека никој и никое име не може да не исплаши. Ние сами од себе зависиме. Не чекаме дали противникот ќе има лош ден, туку зависиме од тоа како ние ќе одиграме. Се е до нас“, вели Николов.
Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....