Ангеловски и Несторовски: Да ја потврдиме победата од Вадуц

Објавено на 27 Март, 2017 во Вести, Вести


Македонија - Белорусија

Пријателски натпревар

28. март 2017., 18:00.

Национална арена „Филип Втори“, Скопје.

Македонската А репрезентација го одржа последниот тренинг во пресрет на утрешниот натпревар против Белорусија на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје. По триумфот над Лихтенштајн нашата најдобра репрезентација посакува успех и на контролниот меч со белорусите за зголемување на самодовербата и дополнителен мотив за продолжението од квалификацискиот циклус за СП во Русија 2018.

-Играме пријателски натпревар со Белорусија, но ќе го сметаме како квалификациски. Мора да одиграме мотивирано, иако противникот има подобар рејтинг од нас, за речиси сто позиции на ФИФА ранг-листата. Имаме доволен број на квалитетни играчи, иако  младинските репрезентативци се префрлија во таборот на Благоја Милевски за пријателскиот меч со Бугарија. Дарко Чурлинов е екстра-талент затоа е повикан во репрезентацијата, а верувам дека ова за него ќе биде поттик да игра уште подобро, изјави селекторот Ангеловски на прес - конференцијата.

Илија Несторовски кој постигна два гола против Лихтенштајн се надева на нова добра игра и против Белорусија и верува дека Македонија по подолго време ќе победи на два натпревари во низа.

-Сакаме да ја потврдиме победата против Лихтенштајн и конечно да врземе два успеха. Се радувам на моите голови, но поважно е Македонија да победува, изјави најдобриот стрелец на Палермо.

Утрешниот натпревар е закажан во 18:00 часот на Националната арена во Скопје.





   
   
А репрезентација