Објавено на 29 Август, 2019 во Вести, Вести
По објавувањето на списокот на фудбалери за натпреварите на македонската репрезентација против Израел и Летонија, селекторот Игор Ангеловски даде свое видување околу повиканите фудбалери и шансите за добар резултат на септемвриските дуели.
- На списокот нема поголеми промени, главно ова се фудбалерите кои од почеток на квалификациите се во тимот. Стефан Ристовски поради повреда не е во комбинација за настап, додека Ферхан Хасани се уште го нема решено прашањето околу евентуално нов клуб. Во интерес на македонскиот фудбал решивме дека во овој момент Дарко Чурлинов е подобро да биде со селекцијата до 21 години, но секако и во иднина ќе сметам на него. Шанса за настап ќе бара и дебитантот Влатко Стојановски, кој беше најдобар стрелец лани во нашата лига. Се враќаат и Тричковски и Спировски, со нас ќе биде и Дориев кој во неколку наврати и претходно беше повикуван, изјави селекторот Ангеловски.
- Собирот е во понеделник, Пандев, Несторовски, Димитриевски, Трајковски и Тричковски поради клупски настапи ќе се приклучат директно во Ашдот во нашата база во Израел. Имаме краток временски период, но долго време сме заедно и мислам дека имаме доволно време да подготвиме против игра за нашиот прв противник Израел, селекција која има доста промени во однос на претходниот меч кој го одигравме со нив.
- Би бил задоволен ако бидеме на нивото на сите претходни натпревари, освен на оној со Австрија. Би било одлично ако од двата меча освоиме над три бода. Три бода е добро, но не би бил задоволен ако освоиме помалку од три бода, заврши предводникот на македонската репрезентација.Марјан Стојкоски е нов потпретседател на ФФМ, Дрилон Ганиу в.д. генерален секретар....