Ана Сигнеул: Имате заложба за развој на женскиот фудбал

Објавено на 12 Мај, 2015 во Вести

Високиот инструктор за женски фудбал на ФИФА, швеѓанката Ана Сигнеул е во работна посета на Фудбалската федерација на Македонија.

Главниот фокус на работните средби со раководството на федерацијата, тренерите и селекторите во женските национални тимови и комисијата за женски фудбал се проектите поврзани со развој на женскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија аплицираше и доби потврда од ФИФА за спроведување на проектот “Live your goals“. Проектот се однесува на „грасруд“ активности за девојчиња од шест до дванаесет години, а во рамки на истиот во нашата држава ќе се организираат два „грасруд“ фестивали на кои за учество ќе бидат поканети сите девојчиња со желба активно да се вклучат во женскиот фудбал во Македонија. Исто така, Фудбалската федерација на Македонија ја потврди заложбата за формирање на женска младинска лига за која преку посебен проект започнуваат консултации и подготовка за евентуалното спроведување со претставници на ФИФА.

-Многу сум задоволна од посетата на вашата федерација, луѓето тука со голема посветеност работат на развој на фудбалот, а тоа ветува добра иднина. Федерацијата покажува заложба за развој на женскиот фудбал, од разговорите со вашето раковотство сфаќаме дека постои голема желба работите во женскиот фудбал да се подобрат, а преку проектите кои ги започнуваме се надевам дека ќе го подигнеме нивото и ќе одиме чекор напред. Тренерите кои работат во женскиот фудбал не се многу, но тренерски се одлично едуцирани и имаат голема желба за работа. ФИФА ќе инвестира во два важни проекти во Македонија, за нас е многу важна соработката и добрата комуникација со федерацијата, јас се надевам дека ова е само почеток кон создавање квалитетен производ, изјави Ана Сигнеул, инструктор за женски фудбал на ФИФА и селектор на женската репрезентација на Шкотска.

Задоволство од посетата на високиот гостин на ФИФА и поранешна фудбалерка на Шведска изразија и тренерите кои се дел од женскиот фудбал во Македонија.

-Овие проекти се многу значајни за развој на женскиот фудбал во Македонија. Фудбалот се игра од најмали нозе, а преку грасруд настаните можеме да влијаеме на девојчињата да се вклучат активно во нашата фудбалска игра. Се надевам дека ќе ја продлабочуваме соработката со ФИФА, за нас тоа е исклучително важно, изјави Астрит Мерко, селектор на репрезентацијата до 19 години.



   
   
А репрезентација