А репрезентација ги започнува подготовките за Словачка

Објавено на 05 Јуни, 2015 во Вести, Вести

Македонската фудбалска репрезентација на 14 јуни со новиот селектор Љубинко Друловиќ, го игра квалификацискиот натпревар со Словачка во Жилина.

Повеќето од репрезентативците се веќе во Скопје и ги почнуваат подготовките се до 12 јуни кога се тргнува за Словачка.


„Се обидуваме да ги обезбедиме сите играчи што е можно поскоро, доаѓаат од различни краишта и од различни тимови, но доаѓаат кондиционо подготвени што е секако предност. Знаеме дека е крај на сезоната и дека концентрацијата и фокусот на играчите полека попушта, но јас верувам дека сите тие се детерминирани да ѝ го покажат на својата публика она што го научиле надвор,  да се претстават во најдобро светло и да ја докажат својата вредност. Затоа не се сомневам во добри резултати и квалитетна игра“ - изјави кондициониот тренер Кампос Луис Диого од Португалија.


Словачка е првопласирана во нашата група и несомнено е фаворит на овој натпревар.

Но македонските фудбалери нема да носат бело знаме, туку ќе дадат се од себе, за да го изненадат противникот, за кого се освен победа би било големо разочарување.


„За мене ова е голем предизвик од аспект на тимската работа. Убеден сум дека Македонската репрезентација може многу повеќе и многу подобро. Ќе дадам сé од себе нашата репрезентација да биде достоен и респектиран претставник во оваа тешка група. Јасно е дека домашните првенства не се од ист интензитет како европските и во тој смисол е одлично што имаме многу играчи што играат во странство. Нашите играчи имаат талент и квалитет и доколку и менталната подготвеност е во функција ќе има и резултати“ - изјави селекторот Љубинко Друловиќ.

Покрај Македонија и Словачка, од нашата квалификациска група на 14 јуни ќе играа Украина со Луксембург, а Белорусија со Шпанија. 






   
   
А репрезентација