Објавено на 01 Јуни, 2016 во Вести, Вести
Македонската А репрезентација утре во 19:00 часот на Националната арена „Филип Втори“ го игра контролниот натпревар против Иран, најдоброрангираната селекција од Азија на последната листа на ФИФА. Против селекцијата која се најде на 42. Место на листата на ФИФА, селекторот на Македонија Игор Ангеловски ќе продолжи со процесот на подмладување на националниот тим, спојот на младост и искуство што даде резултат против Азербејџан во австриски Бад Ерлах кој го добивме со 3:1.
На прес конференцијата во пресред на утрешната пресметка свое видување за натпреварот и подготовките на нашата селекција дадоа селекторот Игор Ангеловски и репрезентативците Стефан Ристовски и Давид Бабунски.
-Иран е азиски фудбалски гигант, исклучително квалитетна селекција предводена од врвен тренер. Ќе биде тежок натпревар, но за нас е важно да оствариме и позитивен реузултат. Победивме против Азербејџан, но тоа е само еден натпревар и нема никаква потреба и простор за еуфорија. Немеме намера да отстапиме од досегашниот пристап, се надевам дека спојот на младоста и искуството повторно ќе ни донесе позитивни работи. Задоволен сум од залагањето и атмосферата во тимот. Радески се пожали на повреда и во консултација со лекарскиот тим ќе одлучиме за евентуалниот настап. Влегуваме максимално во утрешниот меч, да одиграме добро и на крај секако да победиме, изјави Ангеловски.
Давид Бабунски вели дека конечно во репрезентацијата има одлична атмосфера, а кај репрезентативците желба, мотив и подготвеност да одиграат за резултат.
-Добро работиме, има одлична атмосфера и одиме на победа против Иран. Чуствувам една огромна разлика од тоа кога бев првпат во селекцијата пред две години и сега. Има доста позитивни промени - aтмосфера, начин на работење, после долго време почнавме да се чувствуваме среќни и задоволни. Сега на нас ни останува тоа да го дефинираме, да работиме кон таа идеја без разлика на резултатите. Ми се допаѓа тоа што почна да се зборувам за нов менталитет од играчи и тренери. Се надевам дека тоа ќе го препознае и публиката и ќе дојде да не поддржи, изјави Бабунски.
Стефан Ристовски изјави дека самодовербата е зголемена по победата над Азербејџан, но има уште многу работа за нови позитивни моменти.-Ние сме задоволни од прикажаното против Азербејџан и победата на тој натпревар, но имаме уште многу работа. Најважното е дека сме желни за резултат, за победа. Младите играчи ни донесоа нова енергија во тимот, имаат голем квалитет и се надевам на подобри моменти за македонскиот фудбал, изјави Ристовски.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....