Објавено на 09 Декември, 2015 во Вести, До 21 год
Селекторот на репрезентацијата до 21 година Благоја Милевски го објави списокот на фудбалери кои ќе бидат дел од селективниот камп на репрезентацијата од 10. до 14. декември 2015 година. На списокот се вклучени дури 9 играчи од генерацијата `96 и `97, играчи кои можат да бидат дел од новата генерација на младата репрезентација за идниот циклус квалификации.
Еден од играчите кој ја доби довербата на селекторот Благоја Милевски за претстојниот селективен камп е стандардниот репрезентативец на селекцијата на Македонија до 19 години, Валентин Кочовски. Младиот фудбалер не го крие задоволството што е повикан во националниот тим кој треба да одигра два контролни натпревари, против екипата на Хоризонт Турново на 12. декември во Велес и два дена подоцна против фудбалерите кои ќе настапат за селекцијата составена од домашни фудбалери која ја селектираше Игор Ангеловски, селекторот на А репрезентацијата на Македонија.
- Среќен сум што ја добив поддршката и довербата од селекторот Благоја Милевски. За мене секогаш е чест да се настапува за дресот со државен грб, без разлика дали станува збор за контролен натпревар или за меч од квалификациите. Утре ќе го имаме првиот тренинг во кој ќе се подготовиме максимално за предизвиците што не очекуваат во наредните неколку дена. Ова за мене и останатите млади фудбалери кои се повикани во овој селективен камп претставува голема можност за да се прикажеме во одлично светло и да го дадеме максимумот, со кој на најдобар можен начин би одговориле на довербата која ја добивме од селекторот., вели Кочовски.