ЖФК Кочани втора година по ред го освојува женскиот куп

Објавено на 21 Мај, 2015 во Вести

Во вистински возбудливото финале на женскиот Куп на Македонија ЖФК Кочани го совлада неприкосновениот лидер во женскиот фудбал, ЖФК Драгон со победа од 3-2.

Двете најдобри македонски женски фудбалски екипи по трет пат оваа сезона ги измерија силите во финалето на женскиот куп на Македонија кое се одигра на 21. мај на фудбалското игралиште во тренинг центарот Петар Милошевски во Скопје.

Резултатот го отвори Драгон со погодок во самиот финиш на првото полувреме кој го постигна Ели Јаковска. Кочани возврати за изедначување во 47. минута со голот на Анета Ѓорѓиева, со што стана јасно дека натпреварот ќе биде навистина изедначен до последната минута.

Драгон повторно поведе само минута подоцна со вториот погодок на Ели Јаковска, но во 57. минута неизвесноста беше вратена со голот на Катерина Милеска која изедначи на 2-2.

Конечниот резултат го постави Сашка Кокаловска во 65. минута, не дозволувајќи Драгон оваа сезона да се израдува на двојната круна.

Медалите на екипите и пехарот на победникот ги додели членот на управниот одбор на ФФМ, Златко Талевски, а фудбалерките примија честитки и од претседателот и генералниот секретар на Фудбалска Федерација на Македонија, како и од комисијата за женски фудбал.




   
   
А репрезентација