ЖФК Кочани се победници на женскиот куп

Објавено на 24 Мај, 2014 во Вести

ЖФК Кочани го освои купот на Македонија во женска конкуренција за натпреварувачка 2013/2014 год. откако во финалето убедливо ги совладаа со 5-2 Битолски “Конзули“.

Во исклучително ефикасниот натпревар најпрво поведоа Кочани со голот на Кате Милеска во 22 минута. Конзули ја вратија неизвесноста во натпреварот со голот на Ленче Андрееска само 6 минути подоцна. На пауза се замина со овој резултат.

Далеку поефикасно беше второто полувреме кога видовме вкупно пет погодоци. Убедливата победа Кочанчанки ја навестија со три гола во серија за водство од 4-1, откако најпрво Салихи Афродита донесе водство за 2-1, а предноста ја зголемија Спировска Виолета во 62 минута и Милеска Катерина во 71 минута.

Ленче Андреевска по втор пат во листата на стрелци се запиша во 75 минута, што воедно беше и втор погодок за Битолчанки.

Конечните 5-2 ги постави Спировска Виолета со нејзиниот втор погодок во 83 минута во денешното финале.

Со триумфот во Купот на Македонија екипата на ЖФК Кочани ја потврдија доминацијата во македонскиот женски фудбал откако претходно ја заверија титулата во Женската Прва Лига.

Пехарот на победничките им го додели координаторот на женските фудбалски репрезентации, Г-н Владо Андов.




   
   
А репрезентација