Великаните се враќаат во функција на македонскиот фудбал

Објавено на 23 Јули, 2014 во Вести

Великаните на македонскиот фудбал Илија Најдоски, Вујадин Станојковиќ и Саша Ќириќ се враќаат во функција на македонскиот фудбал.

На денешната седница на Управниот одбор на ФФМ, Илија Најдоски е назначен за технички менаџер на А репрезентацијата на Македонија. Поранешниот репрезентативец, дел од составот на Македонија на првиот официјален натпревар против Словенија во Крањ, член на златната генерација на Вардар (1987.) и освојувач на Купот на европските шампиони со Црвена звезда (1991.) ќе ја извршува раководната функција во најдобрата репрезентација.

Саша Ќириќ е назначен за технички менаџер на репрезентацијата до 21 година. Ќириќ е еден од најпознатите македонски фудбалери од поново време, поранешен македонски репрезентативец, еден од најдобрите голгетери на Пелистер и Вардар со одлична интернационална кариера во Германија. Речиси една деценија го носеше националниот дрес, за македонската репрезентација одигра 28 натпревари.

На седницата на Управниот одбор на ФФМ, Вујадин Станојковиќ е назначен за в.д. селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година. Станојковиќ е великан на нашиот фудбал, поранешен играч во шампионскиот тим на Вардар од 1987. година, во дресот на репрезентацијата на некогашната СФРЈ, настапи 24 пати, а седум пати го носеше и дресот на македонската репрезентација. Блескавите моменти во својата кариера ги доживеа во белградски Партизан, а забележителен учинок имаше и во шведските тимови Дегешвал и Трелеборг. Вујадин Станојковиќ беше и помошник на поранешниот селектор Среќко Катанец и поранешен претседател на тренерската организација.

Одлуката за назначување на Вујадин Станојковиќ за в.д. селектор на репрезентацијата до 21. година следуваше откако, Управниот одбор на ФФМ го одложи разгледувањето на Извештајот на Комисијата за утврдување на кандидат за селектор на репрезентацијата до 21. година поради отсуството од денешната седница на УО на двајца од петте членови на претходно формираната комисија. Вујадин Станојковиќ ќе ја води младата репрезентација до крајот на циклусот квалификации за пласман на ЕП 2015.

Управниот одбор на ФФМ ги донесе пропозициите за натпреварување во Третите лиги за натпреварувачката 2014/15 година, го усвои календарот за натпреварување 2014/15 во млади категории и правилникот за натпреварување.

Управниот одбор на ФФМ ја одреди цената на влезниците за натпреварот меѓу репрезентациите на Македонија и Израел до 21. година од квалификациите за ЕП 2015. Натпреварот ќе се одигра на 13. август 2014. со почеток во 20.00 часот година на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје. За публиката ќе биде отворена јужната трибина, влезниците ќе се продаваат по цена од 100 денари.




   
   
А репрезентација