У.О. на ФФМ: Донесена одлука за изградба на нов репрезентативен стадион

Објавено на 14 Април, 2022 во Вести


Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука за отпочнување постапка за изградба на нов репрезентативен стадион во рамки на „Куќа на фудбалот“ во општина Аеродром.

Фудбалската федерација на Македонија заедно со општина Аеродром е носител на проектот. Во изградбата на капиталниот фудбалски објект, исклучително важна е поддршката од Владата на Република С. Македонија.

Проектот за новиот репрезентативен стадион е директно поддржан со средства од УЕФА и ФИФА преку програмите за подобрување на фудбалската инфраструктура. 

Поттикнати од искрената желба и отвореноста за помош и поддршка од општина Аеродром и градоначалникот Муцунски, но и државните институции и по одржани неколку состаноци со одговорните луѓе во УЕФА и ФИФА, заедно со членовите на У.О. на ФФМ донесовме одлука за изградба на нов, репрезентативен стадион во рамки на „Куќа на фудбалот“. 

Започнуваме постапка за изградба на стадион со минимален капацитет од 12.000 гледачи по сите критериуми на УЕФА и ФИФА за одигрување на клупски и репрезентативни натпревари од највисок ранг. 

Наша обврска како Фудбалска федерација на Македонија е да придонесеме за напредок на фудбалот, а најдобар начин да го потврдиме тоа е преку изградба на стадион кој ќе биде обележје на времето кое ни ги носи најголемите фудбалски успеси во нашата историја“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини. 

- На седницата на Управниот одбор на ФФМ беше донесена одлука Раде Каранфиловски да биде назначен за селектор на македонската репрезентација до 14 години, додека Дашмир Беари е назначен за селектор на македонската репрезентација до 15 години; 

- На денешната седница на Управниот одбор на ФФМ беа утврдени датумите на одигрување на финалните натпревари во Купот на Македонија во следните конкуренции:

- Помлади пионери (01.06.2022)

- Пионери (01.06.2022)

- Кадети (02.06.2022)

- Младинци (02.06.2022)

- Женска конкуренција (18.05.2022)

Финалето во Купот на Македонија во сениорска конкуренција ќе биде одиграно на 20. мај на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. 









   
   
А репрезентација