Објавено на 25 Јуни, 2018 во Вести, Семинари
Фудбалската Федерација на Македонија успешно го реализираше првото Македонско издание на УЕФА Сертификатот за Фудбалски Менаџмент (UEFA, CFM – Cerificate of Football Management). Учесниците на курсот беа вработени од Фудбалската Федерација на Македонија, претставници на клубска администрација од Македонската Прва Фудбалска Лига, како и меѓународни учесници, вработени во фудбалските федерации од регионот. Под покровителство на УЕФА со пренос на знаења од врвни УЕФА експерти во различни полиња, а во соработка со IDHEAP – Институт за високо образование за Јавна Администрација при Универзитетот од Лозана, Швајцарија Фудбалската Федерација на Македонија беше домаќин на оваа 9 месечна обука за професионалци од областа на фудбалската администрација, кои низ три семинари, шест онлајн модули и усмен испит се стекнаа со сертификат кој ќе придонесе кон поголема професионалност во нивната секојдневна работа, а во правец на унапредување и развој на фудбалската игра.
Според зборовите на генералниот секретар на УЕФА, г-н Теодор Теодоридис „Една од целите на УЕФА низ годините е да придонесе кон професионалниот фудбалски менаџмент во Европа. Следејќи го меѓународниот успех на УЕФА Сертификатот за Фудбалски Менаџмент (CFM), УЕФА донесе одлука да развие национални изданија на програмата во партнерство со некои од федерациите членки, со што програмата се прошири низ цела Европа.
Овој пристап овозможи вклучување во програмата на повеќе членови од фудбалското семејство, со цел професионален развој и развој на менаџерски вештини кои се специфични за фудбалот како спорт. УЕФА е почестена да соработува со Фудбалската Федерација на Македонија и да го понуди овој курс на луѓето кои работат во фудбалот во Македонија. Сигурни сме дека оваа иницијатива ќе придонесе кон успехот на фудбалската игра во Македонија.“
На самиот крај од 9 месечната програма, на учесниците кои успешно ја завршија обуката им беа поделени сертификати од страна на Г-н Тиери Фавре, раководител на одделение за развој на национални федерации во УЕФА, Г-н Илчо Ѓорѓиоски , претседател на Фудбалска Федерација на Македонија и Г-н Алан Феранд, редовен професор за спортски менаџмент при Универзитетот Поитерс, Франција.
„Горд сум на сите вработени во ФФМ и претставниците на клубовите кои беа дел од оваа програма. Фудбалската Федерација на Македонија и УЕФА сметаат на вашето знаење, и веруваме дека ќе придонесете кон успехот на фудбалот во Македонија.
Честитки до сите вас кои напорно работеа изминатите девет месеци, и се надевам дека вашето унапредено занење од областа на фудбалскиот менаџмент ќе придонесе вашата секојдневна работа да биде поефикасна, како и дека ќе бидете во можност да ги споделите вашите нови знаења и вештини со колегите“ – истакна претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, г-н Илчо Ѓорѓиоски на церемонијата на доделување на сетрификатите.
За тоа колку е корисна програмата зборуваат и сведоштвата на некои од учесниците кои успешно ја завршија обуката:
“Овие 9 месеци беа навистина одлично искуство. Имав можност многу да научам од најдобрите во фудбалот. Се беше одлично организирано од страна на УЕФА и ФФМ, стекнав многу пријателства и одлична работна мрежа, преку која веќе имав можност да договорам меѓународни настани. Им препорачувам на сите кои имаат можност да се вклучат во програмата, да ја завршат и да ги почувствуваат придобивките. Уживав во секој миг од програмата и верувам дека ќе претставува исчекор во мојот професионален ангажман во фудбалот“ – Николај Лавчев, Меѓународен оддел, Фудбалски Сојуз на Бугарија.
"CFM за мене и ФК Работнички - Скопје преставуваше големо искуство и одлична можност да се бидe дел од најсовремената едукативна прогама на една организација каква што е УЕФА. Знаењето и искуството на најреномираните професори од универзитетот во Лозана и УЕФА преставниците, беше од огромно значење за мојата понатамошна кариера и пред се можноста да се стекнам со одредени знаења кои се неопходни да се имплементираат за успешно работење на ФК Работнички во иднина. Покрај едукативниот и испитниот дел, од големо значење е и 9 месечната дружба со моите драги колеги од другите клубови, ФФМ, како и колегите од Грција, Бугарија и Косово. Воедно би сакал да се заблагодарам на ФФМ, за укажаната можност јас и ФК Работнички да бидеме дел од оваа едукативна програма на УЕФА. Се надевам дека сите заедно ќе допринесеме, во иднина, за уште поголем развој на македонскиот фудбал." – Ненад Монев, Генерален Секретар, ФК Работнички – Скопје.
„UEFA CFM програмата овомзожува современ и детален преглед на клучните елементи во фудбалскиот менаџмент. Семинарите, во комбинација со УЕФА онлајн платформите и релевантната литература ми овозможија интересен и комплетен вовед за основите и суштината на менаџирањето во фудбалските федерации.
Оваа програма е одлична можност да го проширам своето теоретско знаење, да ги подобрам персоналните вештини, како и да се зголеми професионализмот во федерацијата во целост, применувајќи ги искуствата во специфичните работни позиции.“ - Викторија Тодоровска, одделение за финансии, Фудбалска Федерација на Македонија.