Соопштение во врска со утврдување неправилности поврзани со мечот Кожуф - Башкими

Објавено на 07 Мај, 2025 во Вести


Како што најавивме во вчерашното соопштение, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) продолжува со интензивна постапка за утврдување на неправилностите поврзани со натпреварот од 28. коло во Втора МФЛ меѓу ФК Кожуф и ФК Башкими.

По добиени сознанија и укажувања од раководителот на одделот за безбедност и заштита на интегритетот во рамки на ФФМ, веднаш беше отпочната постапка, а изјавите од службените лица на натпреварот (главен судија, тројца помошници, контролор на судии, делегат на натпревар, комесар за безбедност од ФФМ) се веќе добиени. 

Тие се прецизни и јасни и укажуваат на тоа дека натпреварот има сериозни нарушувања на интегритетот.

Очигледните неправилности кои се евидентирани се причина Комисијата за натпреварување да не го регистрира натпреварот, односно бодовите од истиот не се заведени. 

Истовремено, двата клуба се предадени на дисциплинска постапка.

ФФМ ќе ги искористи сите можни средства согласно своите овластувања за целосно расчистување на овој срамен случај кој фрла сериозна дамка врз фудбалот во Македонија. 

Ќе се започне со прибирање изјави од сите лица за кои ФФМ има сознанија дека биле инволвирани во случајот, вклучително и фудбалери за кои постојат индиции за вмешаност. 

Притоа, посочуваме дека секој обид за лажно давање изјава ќе сноси соодветна одговорност согласно законските прописи.

Собраниот доказен материјал до овој момент е доставен до архивското одделени при Министерството за внатрешни работи (МВР). 

Дополнително, за случајот е информирана УЕФА, која внимателно го следи развојот на настаните.

Фудбалската федерација на Македонија уверува дека ќе ја истера постапката до крај и ќе следуваат драстични казни за сите за кои ќе се докаже дека се вмешани во нарушување на интегритетот на натпреварувањето.




   
   
А репрезентација