Објавено на 05 Февруари, 2015 во Вести, Футсал
Селекторот на нашата репрезентација Васко Скендеровски вели дека пресметките против Грузија се последни пред почетокот на квалификациите за Европското првенство и повеќе нема простор за експериментирање. Поради повреда во составот на нашата селекција натпреварите против Грузија ќе ги пропуштат Адријан Мицевски и Илчо Удовалиев. На местото на голманот Удовалиев е повикан Владо Илиќ од КМФ Биџо.
-Натпреварите против Грузија се наш последен тест пред почетокот на можеби најважните квалификации за пласман на големо натпреварување од создавањето на нашата футсал репрезентацијата. На средината на идниот месец ги започнуваме квалификациите за Европско првенство, простор и време за експериментирање повеќе немаме. Тоа значи дека играчите кои ќе настапат на овие два натпревари против Грузија ќе го носат товарот и на квалификациските пресметки против Унгарија, Швајцарија и Шпанија. Повредени се Мицевски и Удовалиев и нема да ризикуваме со нивен настап против Грузија. Гостинската селекција е противник по мерка, стилот на игра во последните две години, од доаѓањето на новиот селектор, многу потсетува на унгарскиот, а за нас тоа е исклучително важно затоа што Унгарија ќе биде најбитниот наш натпревар во квалификациите. Грузија во претквалификациите беше подобра од Швајцарија, која исто така е во нашата група за пласман на ЕП 2015. Ќе испробаме неколку тактички варијанти, но резултатот исто така ќе ни биде важен. Одиме на победа за зголемување на самодовербата и продолжување на трендот добри резултати, изјави селекторот Васко Скендеровски.
Првиот натпревар во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“ го играме во понеделник во 20.15 часот, во истото време се игра и пресметката во вторник.