Скендеровски: Да го продолжиме трендот на позитивни резултати

Објавено на 26 Ноември, 2014 во Вести, Футсал


Спроти двата контролни натпревари против Црна Гора на 2. и 3. декември во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“, селекторот на А футсал репрезентацијата, Васко Скендеровски очекува да продолжи трендот на позитивни резултати на репрезентацијата. Нашиот предводник ќе им даде шанса на сите повикани играчи за двете пресметки против црногорците.

-Натпреварите против Црна Гора се уште еден тест за нас пред квалификациите за Европското првенство. Во принцип, нема драстични измени во однос на тимот кои настапуваше на натпреварите против Шпанија и Финска од меѓународниот турнир кои го организиравме во Скопје. Очекувам да продолжиме со трендот на позитивни резултати, шанса ќе добијат сите повикани 14 играчи, посебно помладите кои во целост ја оправдаа довербата на претходните натпревари. Реално, очекувам две победи, иако Црна Гора е солидна репрезентација со силни амбиции пред квалификациите за Европското првенство. За нас е важно со победа да ја зголемиме самодовербата и пред турнирот во Полска каде во периодот од 3. до 8. јануари ќе играме против домашната репрезентација, Естонија и Грција. Се надевам дека ќе прикажеме добра игра и ќе добиеме поддршка од навивачите, изјави Скендеровски.

Собирот на репрезентативците е на 01. декември во 08.30 часот во хотел „Русија“. Првиот натпревар против Црна Гора се игра во вторник, 2. декември од 18.00 часот, следниот ден пресметката е од затворен тип. Влезот за првиот натпревар е бесплатен.




   
   
А репрезентација