Објавено на 11 Декември, 2014 во До 21 год
Фудбалската репрезентација на Македонија до 21. година го победи битолски Пелистер на вториот контролен натпревар во рамки на селективниот тренинг-камп на младата репрезентација. На теренот во Ѓорче Петров, фудбалерите на Благоја Милевски запишаа победа од 2:1. Виктор Ангелов во третата и Јасир Асани во 14. минута ги постигнаа погодоците за нашите надежи. Бошко Дохуќ го даде голот за тимот предводен од Ѓоко Хаџиевски. Репрезентативецот Дарко Велковски не реализираше две најстроги казни за поубедлива победа, фудбалерот на Работнички промаши пенал во првиот и вториот дел. Во воведното полувреме, во кое целосно доминираше селекцијата на Македонија одлични шанса не искористија Филип Пивковски, Јасир Асани и Виктор Ангелов.
Благоја Милевски, предводникот на селекцијата до 21 година, дуелот го започна во следниот состав: Дамјан Шишковски, Филип Ристовски, Бесир Демири, Алекса Амановиќ, Дарко Велковски, Ангелче Тимовски, Бурхан Мустафов, Јасир Асани, Љавдрим Скендери, Филип Пивковски, Виктор Ангелов.
Тренерот на Пелистер, Ѓоко Хаџиевски средбата ја започна во состав: Христијан Стоилко , Миле Петковски,Бошко Дохуч, Горан Босилковски,Александар Анастасов,Никола Митич,Љупчо Трпески,Асмир Мисини, Игор Станоевиќ, Димче Ристевски, Јоргос Цирилидис.
- Во однос на натпреварот со Пелистер, целосно ја заслуживме победата. Доминиравме во натпреварот, посебно во првото полувреме, период во кој постигнавме два гола, но и не искористивме уште неколку сто отстотни шанси за гол. Нашата игра во првото полувреме е моделот на игра кој го бараме од играчите и ќе се обидеме да го наметнеме и на квалификациските натпревари. Сите повикани играчи добија речиси подеднаква минутажа на двата натпревари и не радува тоа што секој од нив имаше придонес во двете победи. Генерално морам да бидам задоволен од ангажманот на секој поединец. Селективниот тренинг камп беше корисен и за нас како стручен штаб и за играчите кои се наметнуваат како активни членови на репрезентацијата, но појасна слика за придонесот на секој индивидуално ке имаме по деталната анализа во следниот период. Резултатот на овие два натпревари не беше во прв план, но на крајот секоја победа е важна за овие млади играчи за нивната самодоверба. Со исклучок на Пивковски и Амановиќ, сите други фудбалери беа од нашето првенство, тројца од нив од втората лига, тоа е потврда дека и во домашното првенство има квалитет.