Објавено на 30 Октомври, 2022 во Вести, Детски лиги
Денес, на тренинг центарот „Петар Милошевски“, беше одржан спортски настан за подигање на свеста кај младите, семејствата, родителите и поддржувачите во рамките на заедничката кампања на Европската Унија и Советот на Европа „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!,која се фокусира на борбата против говорот на омраза и дискриминацијата, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија.
Идејата на настанот беше низ игра и спорт да се доближат прашањата за различностите и инклузијата до младите спортисти, а главната цел на настанот беше да се подигне свеста кај младите за различните форми на говор на омраза, како и да се промовираат начините за борба против омразата особено во спортот и фудбалот.
Настанот воедно беше и можност за младите луѓе и поддржувачите преку пишување пораки на љубов против говорот на омраза, да искажат што значи еднаквоста за нив, покажувајќи дека во фудбалот нема место за омраза и дека спортските терени се простор за здрава конкуренција, поддршка, љубов и фер игра. Пораката за прифаќање и почитување на различностите беше пренесена за време на фудбалските натпревари, каде посетителите имаа можност да се запознаат со кампањата и нејзините напори во борбата против говорот на омраза во спортот и секојдневниот живот.
Главната порака ја пренесе Благоја Милевски, селекторот на македонската А фудбалска репрезентација и еден од амбасадорите против говор на омраза во рамките на кампањата, кој безрезервно ја изрази својата поддршка за оваа кампања.
“Нашата игра зближува различни националности и вероисповеди. Фудбалот значи ширење на пријателство, еднаквост и промовирање на здрав начин на живот и спортска култура. Ги охрабрувам сите млади и повозрасни активно да се вклучат во кампањата и да ја пренесуваат пораката на овој проект за присуство на пријателството и еднаквоста на спортските терени, како и во секојдневниот живот”.
Штефен Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, ја истакна важноста на спортот и фудбалот и неговото влијание врз младите.
„Фудбалот е обединувачка сила, токму затоа нема место за говорот на омраза во спортот. Спортот промовира почитување и славење на достигнувањата и различностите. ЕУ продолжува силно да ги поддржува напорите за борба против говорот на омраза, како и промовирањето на позитивните вредности и духот на фер игра и толеранција. Денеска ми е драго што се приклучувам на овој настан и ја споделувам пораката – Блокирај ја омразата и сподели а љубов!“
Лејла Дервишагиќ, оперативна раководителка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје истакна дека целта на спортот е да ги поврзе луѓето, да придонесе кон подобро здравје и квалитетен живот, рушејќи ги бариерите преку градење на доверба и чувство на припадност. „Повеќе од 40 години, Советот на Европа се залага за фер игра и почит на спортските терени. Кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов“ е заеднички напор на Советот на Европа и Европската Унија за поддршка на борбата против говорот на омраза. Многу сме среќни што денеска ги здружуваме силите со ФФМ која ја поддржа кампањата уште од самиот почеток, за заеднички да испратиме порака против омразата и говорот на омраза во фудбалот, но и во секојдневниот живот. Многу е важно што денес споделуваме пораки дека љубовта, фер-играта и почитта се вредности кои ни се потребни во, но и надвор од фудбалскиот терен,“ вели Лејла Дервишагиќ.
Дополнително, Филип Поповски, генералниот секретар на ФФМ го поддржа настанот за ширење на позитивни пораки за влијанието на спортот и фудбалот врз идните генерации.
“Фудбалот е одлична платформа за испраќање на позитивни пораки. Со иницирање на активности за подигнување на свесноста за повисоко ниво на толеранција на фудбалските терени и надвор од нив се испраќа порака до навивачите, а особено младите за штетните ефекти од говорот на омраза и нетолеранција. Искрена благодарност до Европската унија и Советот на Европа за иницијативата и поддршката во организирање на оваа кампања. Фудбалската федерација секогаш е отворена за соработка со сите организации и институции кои ја даваат својата поддршка кон промовирање на вистински вредности и сакаат да придонесат кон фер игра и позитивната атмосфера на и надвор од терените”.
Кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ има за цел да ја крене свеста за различните форми на говор на омраза кои таргетираат специфични заедници и поединци во македонското општество, како и да промовира различни начини за спротиставување на говорот на омраза. Кампањата вклучува јавни личности, институции, организации и клучни активисти за човекови права кои преку лични сведоштва, приказни и размена на добри практики ќе промовираат разноликост и еднаквост во локалните заедници и ширум регионот.
Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Промоција на разноликоста и еднаквоста во С. Македонија”, кој е дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа, Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022“.