Објавено на 16 Ноември, 2024 во Вести, Вести
Македонската А репрезентација утре од 15:00 часот на Националната арена “Тодор Проески” ќе го одигра последниот натпревар од групата во Лига на нации против Фарски Острови.
На официјалната прес-конференција пред мечот своите очекувања со новинарите ги споделија селекторот на нашата репрезентација, Благоја Милевски и напаѓачот Александар Трајковски.
Благоја Милевски - селектор на македонската А репрезентација:
Фарски Острови покажаа дека во денешниот фудбал нема аутсајдери и се квалитетен тим. Во овие Лига на нации го играат добро, се работи за дисциплинирана екипа, одговорна и доста силна, тркачки одлично подготвена. Нè очекува уште потежок меч од тој со Летонија во четвртокот. Фокусот ни е на нас самите, како ќе изгледаме на теренот и да го завршиме ова издание на најдобар можен начин. Прашањето за првото место е решено, ама ние си имаме свои мотиви, индивидуални и како тим. Си поставивме уште една цел, со што е можно повеќе бодови да бидеме поконкурентни во завршната ранг-листа.
По последниот меч присутен е замор, со оглед на тоа дека истрчаа доста и одигравме напорна средба. Дополнителен проблем е теренот кој не е во сјајна состојба. Дојдовме до последното скалило и мислам дека момците ќе го дадат последниот атом на силите за да покажат карактер, па со победа да ја затвориме годината. Околу составот, се надевам дека сите ќе останат здрави, па освен Елмас нема да ни недостига никој. Ќе има одредени промени во играта и тимот”.
Александар Трајковски - репрезентативец на Македонија:
“Постои мал замор бидејќи играме во три дена два натпревари, но не е прв пат да имаме ваков ритам. Секогаш сакаме да го дадеме најдоброто од себе и наша цел е со победа да го завршиме ова издание во Лига на нации. Треба да бидеме фокусирани и доколку го дадеме максимумот сметам дека може да ја оствариме целта и три бода”.