Масар Омерагиќ на брифинг со претставници на медиумите

Објавено на 27 Мај, 2025 во Вести


Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ),  Масар Омерагиќ, на брифинг со новинарите говореше на акуелните теми поврзани со македонскиот клупски и репрезентативен фудбал, како и активностите насочени кон тековните инфраструктурни проекти на стадионите во Штип, Кичево и Охрид. 

За натпреварот Кожуф - Башкими:

„Фудбалската федерација на Македонија постапува исклучиво согласно правилниците и процедурите. Не си дозволуваме да преземаме дејствија врз основа на претпоставки. Нема да казниме никого врз основа на шпекулации. Се водиме само од факти и изјави. Натпревар може да се мести на два начина: или кога екипа плаќа за да победи, или кога намерно губи, од интерес или лукративни причини. Но, досега во постапката ниту еден од сведоците, вклучително и играчите на Кожуф, не го спомена Башкими. Нема да штитиме никого, но нема ниту да обвинуваме без цврсти докази.“

За кратењето на лигата и можни нови системи:

„Причината за кратењето на лигата не е поврзана со откажувањата на Гостивар и Воска, туку со желбата да се добие поквалитетно и порамноправно натпреварување. Се размислува и за четвртокружен систем, но сè уште работиме на тој предлог. Во Втората лига размислуваме за нов модел: првопласираниот директно да оди во Првата лига, а уште две екипи да играат бараж. Интересен би бил моделот каде од второ до осмо место екипите би играле плеј-оф за тие две бараж позиции.“

За градовите домаќини на репрезентацијата:

„Сакам репрезентативниот фудбал, особено сениорскиот, да се игра и надвор од Скопје. Битола веќе има капацитет за тоа, но би сакал уште најмалку два града да добијат можност да бидат домаќини на нашата репрезентација. Ќе направиме се што е во наша надлежност, македонската репрезентација до 21 година да игра во Битола во квалификациите, но мора да биде јасно дека и низа други работи треба да се исполнат за да се случи тоа. Тоа првенствено се однесува на хотелското сместување. Италија, нашиот противник во квалификациите бара речиси исти услови како и за А репрезентација. Но, исто така треба да се направат уредувања и на „старата“ трибини на стадионот. Веќе разговаравме со градоначалникот на Битола и насоките се позитивни.

За ПМФЛ следната сезона:

„Натпреварите од Првата македонска лига ќе се играат во три или четири дена - петок, сабота и недела, можеби и понеделник. Секој натпревар ќе биде покриен со директен ТВ пренос. Моментално имаме три стадиони со рефлектори, а четвртиот ќе биде стадионот во Тетово. Промовирана е и новата соработка со ПУМА како нов технички спонзор за фудбалски топки. Дополнително, ВАР системот ќе биде применуван, што дава реална надеж дека следната сезона ќе биде на значително повисоко ниво.“

За испаѓањето на Беса од Прва МФЛ:

„Голема почит за Беса, клуб кој, иако доаѓа од помало место, покажа големина. Дури и кога губат, покажаа достоинство и спортски дух, што е за поздрав. За разлика од некои други тимови кои покажуваат величина, а се далеку од тоа“.

За инфраструктурните проекти

„Проблемот со новата трибина во Штип е што не е завршена. Роковите се пробиени и одбивме да го потпишеме примопредавањето.

Платени се сите обврски на федерацијата во износ од близу 2.3 милиони евра. Рокот за предавање е 31. јули 2025 година. Сепак, тоа што може да се види е тоа што има „мал милион“ недостатоци, а потрошени се многу пари. Реално, вака не може да има примопредавање или технички прием, тука нема дилеми.

Во случај рокот да не биде запазен, односно да биде пробиен, а според се она што го гледаме тоа ќе се случи, раководството на Фудбалската федерација на Македонија ќе преземе соодветни институционални мерки за неисполнување на договорот.

Слична е ситуацијата и со трибините во Охрид и Кичево. Таму веќе имаме нов надзор и во следниот период ќе работиме на алтернативни можности за евентуална завршница на тие инфраструктурни проекти“.

За претстојните натпревари на А репрезентацијата:

„Ве повикувам во следниот период сите заеднички да им дадеме силна поддршка на нашите репрезентативци. Не очекуваат тешки и исклучително важни натпревари, секоја поддршка значи многу. Сега е моментот да се сплотиме и да застанеме зад националниот тим. Верувам дека може да бидеме на високо ниво и да се надеваме на позитивни резутати“.

За младинските национални тимови и скаутинг - системот:

„Реално, се соочуваме со предизвици кога станува збор за младинските национални селекции. Резултатите кои ги гледаме денес се последица на недостаток на континуирана грижа и системска работа во изминатите години. Ќе ни биде потребно време, трпение и посветеност за да ги вратиме младите репрезентации на нивото кое сите го посакуваме.

Во таа насока, веќе се направени значајни чекори - имаме нови селектори и воспоставуваме нов начин на работа, кој верувам дека ќе почне да дава резултати во блиска иднина. Дополнителен предизвик ни се и откажувањата на играчи со македонско потекло, кои се родени или израснати во странство. Често, кога ќе испратиме покана за настап во нашите селекции, таа се користи како притисок за добивање повик од репрезентацијата на земјата во која живеат.

Исто така, неретко се соочуваме со нереални очекувања од страна на родителите - да се премине директно во повозрасна селекција, без претходни настапи во својата возрасна категорија.

Што се однесува до скаутинг - системот, тоа го координираат Ѓорѓи Христов и Горан Пандев. Вложуваме во квалитетна селекција и идентификација на таленти и сум убеден дека оваа работа ќе даде позитивни резултати за младинските селекции во периодот што следува.





   
   
А репрезентација